Децата најчесто не стануваат агресивни во училиштето, туку во училишните клупи доаѓаат со веќе усвоени модели на однесување од семејната средина, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска при промоцијата на новиот проект за спречување на насилството врз децата.
Проектот треба да воспостави систем за рано препознавање на семејното насилство и занемарувањето на децата, како и да спречи нивно пренесување во врсничко насилство во училиштата.
Според Јаневска, во активностите ќе бидат вклучени повеќе институции, граѓански организации и училишта, а проектот е предвидено да трае една година.
Следната недела треба да почнат обуките за училишните психолози, педагози и социјални работници во основното образование. Целта е стручните служби навреме да препознаат кога некое дете е жртва на насилство или занемарување и да преземат соодветни мерки.
„Децата не стануваат агресивни во училиштето, туку најчесто доаѓаат со такви модели на однесување од дома. Затоа ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување“, изјави Јаневска.
Министерството најавува и дискусии со наставниците, родителите и учениците, со цел да се зголеми свеста за семејното и врсничкото насилство и да се зајакне довербата меѓу семејствата, училиштата и институциите.
Посебно внимание ќе биде посветено на охрабрувањето на учениците да зборуваат за насилството и да не ги премолчуваат случаите во кои тие или нивни соученици се жртви.
Врз основа на искуствата од обуките и дискусиите ќе биде изработен единствен протокол за постапување при сомнеж за насилство. Протоколот треба да содржи и алатки за проценка на ризикот, со кои училиштата ќе добијат јасни насоки како да реагираат.
Во проектот ќе учествуваат и Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи и Комората на психолози.
Од Министерството за образование очекуваат новиот механизам да овозможи подобра координација меѓу училиштата и надлежните служби, како и побрзо откривање и спречување на насилството врз децата.
