Дело на Кандински, ограбено од нацистите, продадено за 35,6 милиони долари во Лондон

Кандински

Сликата „Шарен живот“ (Colorful Life) од Василиј Кандински беше продадена за 27 милиони фунти (35,6 милиони долари) на аукција организирана од лондонската куќа „Кристис“ (Christie’s) во средата навечер, соопштија од компанијата.

Ова познато дело со децении се наоѓало во музејот „Ленбаххаус“ во Минхен. Во 2023 година, тоа било класифицирано како уметничко дело ограбено од нацистите и им било вратено на наследниците на еврејското семејство колекционери Левенштајн.

Кит Гил од одделот за уметност од 20-тиот и 21-виот век во „Кристис“, при најавата за аукцијата, изјави дека „Шарен живот“ е клучно дело кое го прикажува развојот на формалниот јазик на уметникот и ја најавува извонредната промена во неговиот стил во годините што следеле.

Гил исто така истакна дека делото е длабоко поврзано со културните традиции на татковината на Кандински – Русија.

Бајка со староруски мотиви

„Шарен живот“, која содржи староруски мотиви и ликови од бајки, е насликана од Кандински (1866–1944) за време на неговиот престој во Париз, под влијание на стилови како што се фовизмот, симболизмот и сецесијата (Art Nouveau).

Според „Кристис“, сликата била изложена и на „Есенскиот салон“ (Salon d’Automne) во Париз во 1907 година. И денес таа се смета за едно од клучните дела во опусот на Кандински.

Во 1927 година, сликата ја набавиле колекционерите од Амстердам, брачната двојка Левенштајн. По смртта на нејзиниот сопруг, Емануел Алберт Левенштајн (1870–1930), неговата вдовица Хедвиг Левенштајн-Вајерман (1875–1937) ја отстапила сликата, работена во техника темпера, на музејот „Стеделијк“ (Stedelijk Museum) како трајна позајмица.

Откако германските сили ја окупирале Холандија, делото било понудено на аукција во октомври 1940 година. Според „Кристис“, на аукцијата победил колекционерот Саломон Б. Слајпер. Неговото семејство го продало во 1972 година на Баварската државна банка („Бајерн ЛБ“ – Bayern LB), која во 1973 година го предала на музејот „Ленбаххаус“ (Lenbachhaus) како трајна позајмица.

Долгогодишна борба за реституција

Следуваше долгогодишна борба на наследниците на семејството Левенштајн. Тие ја сметаа аукцијата од октомври 1940 година за неправда и побараа реституција. Нивниот аргумент беше дека семејството, пред да побегне од нацистите во Соединетите Држави, во 1938 година ја оставило сликата на чување во еден музеј во Амстердам. Сликата потоа била продадена без дозвола.

Истражувањето на потеклото на уметничкото дело (провенансата) на крајот им даде право на семејството. Според наодите на Советодавната комисија за уметнички дела одземени од нацистите, немаше докази дека семејството доброволно ја предало сликата на аукциската куќа во 1940 година. Оваа комисија, која делува во Германија, дава препораки за спорни случаи (мандат до 2025 година).

Продажба „по непознати инструкции“

Според истражувањето на комисијата, во септември 1940 година, вработен во музејот испратил лице да ја однесе сликата во аукциската куќа – „по непознати инструкции“ – и таму ја понудил на продажба. Комисијата наведе дека постојат бројни индиции оти сликата била одземена во контекст на систематскиот прогон на еврејското население од страна на нацистите.

Во 2023 година, и Баварскиот државен парламент го одобри враќањето на сликата.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?