Центарот за култура во Битола полни 46 години, време е за реновирање и осовременување

Битола

Центарот за култура во Битола деновиве одбележува 46 години постоење откако бил пуштен во употреба во октомври 1980 година. Повеќе од четири и пол децении, објектот во кој се сместени Центарот за култура, поранешен Дом на културата, и Народниот театар од Битола, е едно од главните средишта на културните збиднувања не само во градот, туку и во државата.

Овој мултимедијален и повеќенаменски центар за создавање и презентирање културни вредности годишно организира неколку стотици настани што привлекуваат голем број посетители. Меѓу најпознатите се Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Фестивалот „Илинденски денови“, Интернационалниот фестивал на монодрама, Фестивалот на музика од светот, Интернационалниот етнографски филмски фестивал и многу други културни манифестации.

„Веќе 46 години, Центарот за култура е центар на уметноста, сцената, творештвото и на незаборавните културни доживувања. Благодарност до сите актуелни и поранешни вработени и раководни лица што го чувале културното срце на Битола. Продолжуваме да создаваме, да инспирираме и да поврзуваме генерации преку културата“, рече директорот Сашо Илковски.

Македонскиот архитект Александар Смилевски, заедно со словенечкиот архитект Марко Мушиќ, го проектирале објектот на Домот на културата, додека ентериерот го дизајнирала Љубица Никољска. Камен-темелникот бил поставен во 1975 година, градежните работи ги изведувало претпријатието „Бетон“, а објектот бил пуштен во употреба во октомври 1980 година.

Центарот за култура бил изграден на местото на старата театарска зграда, за чие уривање битолчани и денес жалат поради нејзиното историско значење и впечатливиот ентериер. Изградбата чинела над шест милијарди стари динари, а средствата биле обезбедени со самопридонес на граѓаните, за што бил распишан и референдум.

Новиот објект се простира на површина од 13 500 квадратни метри, од кои 10 000 квадратни метри се функционален простор. Изграден е со систем на поврзување на просториите наменети за публика, што овозможува нивно флексибилно користење.

Во објектот се наоѓа најголемата сала во Битола, со 870 седишта, како и помала театарска сала со повеќе од 400 седишта и уште неколку помали. Дел од комплексот се и некогашната свадбарска сала, ликовниот салон, канцелариите, фоајето и други простории.

Центарот за култура и во иднина ќе остане едно од главните културни средишта во Битола, но по 46 години користење сè поизразена е потребата од реновирање и осовременување на објектот. На одредени места во салите попуштаат плафоните, под покривот се собираат гулаби, а недостига и систем за ладење. Потребна е и обнова на седиштата, како и други зафати за подобрување на условите за одржување на културните настани.

По речиси половина век, предизвикот е овој значаен културен објект да продолжи да им служи на уметниците и на публиката, но и да ги добие условите што ги бара современото културно живеење.

Ж. З.

*Содржината е преземена од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?