Кога иницијатива што со месеци се најавува како нов простор за демократија, јавен дијалог и обединување ќе го започне својот живот зад затворени врати, проблемот не е во часовникот. Проблемот е во политичката намера.
„Разговори за иднината во 12:05“ требаше да биде платформа што ќе го подигне нивото на јавната дебата. Наместо тоа, првата средба се одржа без присуство на јавноста, според правилата на Чатам хаус, со можност кажаното да се пренесува, но без да се открие кој што кажал. За академски семинар тоа можеби е прифатлив формат. За почеток на политичка иницијатива што претендира да ја менува опозицијата, тоа е демократски дефект уште на влезната врата.
Анализа на: Леон БАКРАЧЕСКИ
Со месеци се создаваше мистерија околу тоа кој стои зад платформата, кои се нејзините вистински цели и во што конкретно се разликува од постојните политички субјекти. Кога конечно излезе на сцена, јавноста повторно не доби јасноа слика, структура, програмски документ или одговорност за изнесените ставови. Доби список на присутни, внимателно составено соопштение и порака дека на Македонија и одбројал часовникот до „12:05“.
Но, ако навистина е пет минути по полноќ, зошто првата тревога не е упатена кон власта?
Во соопштението на платформата има општа формулација за „неефикасна власт“ и „силна владејачка партија“, но нема конкретна критика за ниту една владина политика, кадровски скандал, институционален неуспех, економска одлука или застој во европските интеграции.
Нема име, нема одговорност, нема барање. Целиот политички фокус завршува кај слабоста на опозицијата и потребата таа вредносно и идеолошки да се преуреди а ова не е случаен пропуст. Тоа е суштината.
Платформа што формално зборува за борба против силна власт, а практично ја насочува енергијата кон единствената голема опозициска партија, не ја обединува опозицијата. Таа ја отвора за ново ситнење. Може организаторите да повторуваат дека не формираат партија, но политичките иницијативи не се оценуваат само според декларациите, туку и според ефектот што го произведуваат.
А ефектот во овој момент е јасен: нова внатрешна битка во социјалдемократскиот простор, ново дефокусирање од неуспесите на власта и нова можност опозицијата повторно да се занимава сама со себе.
На средбата доминираа поранешни и актуелни функционери, пратеници и луѓе поврзани со СДСМ. Дебатата беше претставена како поширок опозициски процес, но нејзината кадровска и политичка гравитација повторно беше околу една партија. Тоа ја прави тешко одржлива тезата дека иницијативата не е насочена кон внатрешно преобликување на СДСМ.
Особено е индикативно што иницијативата се активира во момент кога СДСМ излезе од долгата дефанзива, го консолидира раководството и повторно создаде препознатлива опозициска понуда. Претходните најави за платформата исто така беа поврзувани со поранешни партиски функционери и со можноста за создавање паралелен центар во социјалдемократскиот блок.
Дел од тие тврдења остануваат политички наводи без јавно понудени докази, но првиот собир не направи многу за да ги растера сомнежите. Напротив, затворениот формат само ги засили.
Проблемот не е во тоа што поранешни и сегашни функционери имаат право да го критикуваат СДСМ. Имаат. Проблемот е што голем дел од нив со години биле (се) дел од системот што денес го прогласуваат за неодржлив. Биле (се) пратеници, градоначалници, директори, министри, партиски функционери или влијателни гласови. И на тие позиции биле (се) благодарение на партијата од која произлегуваат.
Ако сега нудат нов општествен договор, јавноста има право прво да слушне што тие лично направиле погрешно, зошто молчеле тогаш и зошто проговориле токму сега, или ако зборувале а нивните гласови не биле слушнати, тогаш сега беше вистинско време да се кажат, но и да бидат подготвени за отворена дебата што не чини, но НЕ под закрилата на „Чатам Хаус“. Или за пошироката публика, ти кажувам ќерко, сети се снао, ама не и кажувај на снаата директно на снаата дека не ја сакам.
Без таква самокритика, „новата вредносна револуција“ лесно се претвора во стар кадровски реваншизам, спакуван во ново име.
СДСМ, од своја страна, реагираше жестоко. Иницијативата беше наречена „фејк“, „ЗНАМ 2.0“ и проект на „квислинзи“ создаден за контролирање и раситнување на опозицијата. Партијата тврди дека станува збор за операција што треба да му помогне на Христијан Мицкоски преку нова поделба на опозициските гласови.
Демократска иницијатива не се создава со мистерија. Обединување не почнува со паралелни собири. Борба против власта не се води со општи реченици за нејзината неефикасност, додека сите конкретни стрели се насочуваат кон опозицијата.
Можеби часовникот навистина покажува 12:05. Но, платформата засега не изгледа како аларм што треба да ја разбуди Македонија. Повеќе личи на стар партиски механизам, повторно навен да заѕвони кога нечии лични амбиции се поважни од државните.
И додека едните зад затворени врати ја бараат иднината, а другите од партиските говорници делат пресуди за предавство, власта може мирно да седи во првиот ред и да гледа како нејзините противници повторно си ја вршат работата сами.
