Хрватските пензионери во септември ќе добијат повисоки пензии и дополнителна исплата за јули, откако Хрватскиот завод за пензиско осигурување денеска, 26 август, донесе одлука за усогласување од 5,4 отсто. Новата вредност се применува ретроактивно од 1 јули 2026 година.
Зголемената пензија ќе биде исплатена во септември, заедно со пензијата за август. Во истата исплата ќе биде додадена и разликата што им следува на пензионерите за јули.
Тоа не значи дека месечната пензија расте за 10,8 отсто, туку дека во септември на сметките ќе легне редовно зголемената пензија и заостанатиот износ за еден месец.
КОЛКУ ДОБИВААТ ПЕНЗИОНЕРИТЕ?
Пензионер кој досега примал 500 евра ќе добива 527 евра месечно, односно 27 евра повеќе. Во септемвриската исплата ќе добие вкупно 554 евра – зголемената пензија за август и дополнителни 27 евра за јули.
Кај пензија од 700 евра, новиот месечен износ ќе биде 737,80 евра. Зголемувањето изнесува 37,80 евра, па септемвриската исплата, заедно со јулската разлика, ќе достигне 775,60 евра.
Пензијата од 1.000 евра ќе порасне на 1.054 евра. Во септември корисникот ќе добие вкупно 1.108 евра, односно новата пензија плус уште 54 евра за јули.
Пресметките се номинални и не ги земаат предвид евентуалното оданочување и индивидуалните одбивки.
Хрватскиот завод ја зголеми актуелната вредност на пензијата од 14,84 на 15,64 евра. Ова не е износот на пензијата, туку вредност што се множи со личните бодови, пензискиот фактор и другите елементи од пресметката.
Од 1 јули расте и најниската пензија за една година пензиски стаж, од 15,73 на 16,58 евра. Поедноставено, кај 40 години стаж оваа вредност би дала најнизок износ од 663,20 евра, пред примената на другите законски фактори.
ЗОШТО ХРВАТСКАТА ФОРМУЛА 85:15 НОСИ ПОГОЛЕМ РАСТ?
Хрватска ги усогласува пензиите двапати годишно, според движењето на потрошувачките цени и просечната бруто-плата. Новината е во начинот на кој двата показатела учествуваат во конечниот процент.
На показателот што растел побрзо му се дава тежина од 85 отсто, а на побавниот 15 отсто. Во актуелната пресметка платите растеле побрзо од цените, па токму растот на платите учествувал со 85 отсто во формулата. Така е добиено усогласувањето од 5,4 отсто.
Ако инфлацијата расте побрзо од платите, односот се менува: потрошувачките цени добиваат тежина од 85 отсто, а платите 15 отсто. На тој начин формулата посилно го следи показателот што во дадениот период најмногу се променил.
Според последните достапни податоци, просечната пензија во Македонија во јуни изнесувала 28.103 денари, односно околу 457 евра, додека просечната вкупна старосна пензија во хрватскиот домашен систем изнесувала 722,01 евро или околу 44.400 денари. Номинално, хрватскиот просек е повисок за околу 16.300 денари, односно за 58 отсто. Споредбата не е целосно идентична поради различниот опфат на пензии, даночниот третман и трошоците за живот, но разликата постои и во моделот: Македонија користи еднаква тежина од 50 отсто за платите и 50 отсто за цените, додека Хрватска му дава 85 отсто на показателот што расте побрзо.
Во Македонија, по периодот на линеарни покачувања, од септември повторно се применува редовното процентуално усогласување. Членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување предвидува половина од процентот да произлегува од растот на трошоците за живот, а другата половина од растот на просечната плата.
Првичните пресметки врз основа на објавените податоци го поставуваат македонското септемвриско усогласување на околу три отсто, но официјалниот процент сè уште треба да го утврдат надлежните институции.
Разликата меѓу двата модела станува највидлива кога платите и цените не растат со исто темпо. Македонската формула секогаш ги дели на половина, додека хрватската формула посилно го пренесува побрзиот раст врз пензиите.
Тоа може да донесе повисоко усогласување, но не ја намалува разликата меѓу ниските и високите пензии. Процентуалниот раст значи дека пензионерот со двојно повисока пензија добива и приближно двојно погемо зголемување во евра.

