Денеска ќе се одржи јавната расправа за обнова на дозволата за работа на „ТИТАН Усје“

Титан

Денеска, 3 јули, во 14 часот во хотел „Александар Палас“ во Скопје ќе се одржи јавната расправа за новата А-интегрирана еколошка дозвола на „ТИТАН Усје“. Станува збор за клучна фаза од постапката, бидејќи токму во овој процес се утврдуваат условите под кои цементарницата ќе може да работи во следните седум години.

За расправата имаше јавно објавено соопштемие и на неа можат да учествуваат сите засегнати страни, вклучително и претставници на организации, иницијативи и стручната јавност.

Во објавата уште беше истакнато дека оваа, најавена јавна расправа за нив, е суштински придонес преку отворен дијалог во институционални рамки да се соочат аргументите на сите инволвирани страни.

Оваа иницијатива на МЖСПП, инаку не е задолжителна според ИСКЗ или „Интегрирано спречување и контрола на загадувањето“, системот за издавање на дозволи за заштита на животната средина од загадувањата кои можат да ги предизвикаат одредени индустриски дејности.

Но, заради зголемениот интерес, МЖСПП ја иницираше таква јавна расправа, а обврската да ја спроведе е на општината каде што е лоцирана фабриката што покренала постапка за обнова на А интегрираната еколошка дозвола. Во овој случај Кисела Вода за Титан Усје.

Во последно време, преку граѓанските иницијативи (како „Стоп за Усје“), во фокусот на јавноста е прашањето за контролата на големите индустриски капацитети. За подобро разбирање на процесите, подолу се одговорите на клучните прашања поврзани со А-интегрираните еколошки дозволи.

Во изјава за Рацин.мк од Титан Усје велат дека како во подготовката, така и во целокупната процедура која ќе следи, компанијата во целост ги почитува обврските и условите што произлегуваат од законските и подзаконските акти и соработува со сите надлежните институции.

Како одговорна и транспарента компанија, ТИТАН Усје работи согласно домашната регулатива и во своето работење ги применува најдобрите достапни практики во индустријата, кои важат и за компаниите од Европската унија. Оттука сите можности за конструктивен дијалог базиран на аргументи за нас се добредојдени, бидејќи веруваме дека ќе помогне во процесот на поставување на солидна основа за одржлива животна средина“.

Грижата за животната средина е основна вредност за ТИТАН Усје, истакнуваат од компанијата. „Свесни сме дека заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот предизвикуваат загриженост кај граѓаните и во нашето општество, како целина. ТИТАН Усје внимателно ја следи јавната дебата, сериозно ги сфаќа овие проблеми и дава транспарентен придонес кон нивно решавање“.

Што е А-интегрирана еколошка дозвола и како се добива?

А-интегрираната еколошка дозвола е задолжителен документ без кој големите индустриски капацитети, како цементарници, челичарници и големи енергетски постројки, не можат да работат. Дозволата ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање и во неа се утврдени сите услови што операторот мора да ги исполнува за да го сведе влијанието врз животната средина на минимум.

Дозволата се издава со важност од седум години. Пред нејзиното обновување се спроведува постапка што вклучува јавен увид и јавна расправа, на кои институциите, компанијата, стручната јавност, граѓанските организации и граѓаните можат да достават забелешки и предлози.

Во текот на важењето на дозволата, Министерството може да ги измени условите доколку се воведат нови најдобри достапни техники, ако се променат законските прописи, ако безбедноста на инсталацијата бара нова технологија или ако загадувањето достигне ниво што претставува ризик за здравјето на луѓето и животната средина.

А-интегрираната дозвола може и да биде одземена доколку операторот не ги исполнува пропишаните услови. Во таков случај, компанијата мора повторно да ја започне целата постапка за добивање нова дозвола пред да може да продолжи со работа.

Најчитано