Еколошката такса не е за да заврши во канализација, сметаат активистите

еколошката

Општините Битола, Новаци и Могила секоја година добиваат милионски суми како надоместок од термоелектраната РЕК „Битола“, но парите наместо за екологија завршуваат за изградба на патишта и друга комунална инфраструктура. Активистите и експертите предупредуваат дека ако оваа практика продолжи, се губи смислата на оваа еко-такса.

Жителите на Пелагонија со години ги трпат последиците од работењето на РЕК „Битола“ – загаден воздух, прашина и негативни последици врз здравјето и земјоделството. Токму затоа државата наплаќа еколошка такса од производството на електрична енергија од фосилни горива, која треба да се врати кај граѓаните преку проекти за заштита на животната средина.

Но, истражувањето на „Локал Актив – Пелагонија“ покажува дека во пракса значителен дел од овие средства завршуваат за изградба на улици, тротоари, канализации, рекреативни патеки и тампонирање полски патишта во општините Битола, Новаци и Могила.

Општините имаат свое образложение. Од Битола сметаат дека и изградбата на фекална канализација претставува заштита на животната средина, додека од Могила велат дека средствата ги насочуваат кон приоритетите што ги бараат граѓаните. Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, оценува дека со изградбата на спортско-рекреативната патека се подобрува квалитетот на животот и се создава нов јавен простор за сите генерации.

Но, експертите предупредуваат дека токму тука се губи суштината на еколошката такса.

Граѓанскиот активист Душко Груевски смета дека проблемот е во законската поставеност, бидејќи Министерството за животна средина го опфаќа и просторното планирање, што остава можност средствата да се користат за улици и тротоари наместо за мерки што директно го намалуваат загадувањето.

Уште покритичен е инженерот за животна средина Љупчо Стојановски. Според него, изградбата на комунална инфраструктура е неопходна, но не треба да се финансира од компензациски фондови создадени поради загадувањето.

„Ваквите проекти воопшто не го адресираат примарниот проблем за кој се издвојува таксата, а тоа е директното загадување на воздухот и почвата од производството на енергија од фосилни горива. Во отсуство на таргетирани интервенции, општините ја губат можноста суштински да ја подобрат животната средина“, предупредува Стојановски.

Тој предлага средствата да се насочат кон мерки што ќе имаат мерлив ефект: субвенции за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, подобрување на јавниот превоз, пошумување, зелени заштитни појаси, како и изградба на пречистителни станици за отпадни води, наместо финансирање на основна комунална инфраструктура.

На проблемот укажува и Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива „Поинаку“, која забележува дека средствата од еколошката такса не се прикажуваат во програмите за животна средина, туку се распределуваат во други буџетски ставки, поради што граѓаните тешко можат да утврдат колку средства добива општината и за што точно се трошат.

Дополнителен проблем е што распределбата на средствата доцни и по две години. Наместо општините навремено да располагаат со средствата за справување со актуелните еколошки проблеми, парите пристигнуваат со големо задоцнување, што дополнително ја намалува нивната ефикасност.

Прашањето, затоа, не е дали канализацијата, улиците или полските патишта се важни – тие несомнено се. Прашањето е дали парите што се собираат како компензација за загадувањето треба да се трошат за тие намени или, како што налага нивната суштина, исклучиво за проекти што ќе го намалат загадувањето и ќе донесат почиста животна средина за граѓаните кои секојдневно ги трпат последиците од работењето на РЕК „Битола“.

Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Најчитано