Масовен руски напад врз Украина: напади врз Киев, железничката инфраструктура и пограничните коридори

Украина

Според прелиминарните податоци, како последица на масовниот ракетно-дронски напад на 1 септември, во Киев и Киевската област загинале 12 лица, а 15 биле повредени, меѓу кои и четири деца.

Олександар ЛЕВЧЕНКО*

Во ноќта на 1 септември 2026 година, Русија изврши масовен комбиниран напад врз Украина со употреба на ударни и реактивни беспилотни летала, крстосувачки и балистички ракети. Главниот удар беше насочен кон Киев и Киевската област, кои руските сили истовремено ги нападнаа од повеќе правци.

Според податоците на мониторинг-ресурсите, во текот на главната ракетна фаза Русија употребила 18 балистички ракети „Искандер-М“, вклучително и касетен тип, две хипер сонични ракети 3М22 „Циркон“, шест крстосувачки ракети „Калибар“, како и 218 беспилотни летала, меѓу кои имало и реактивни.

Во Киев, последиците од нападот во текот на ноќта биле регистрирани во повеќето делови на градот. Како последица на паѓање на остатоци, делумно бил уништен станбен објект и избувнал пожар. Најсериозни последици биле регистрирани во Дарничкиот реон, каде што како последица на директни погодоци и паѓање на остатоци избувнале големи пожари.

Една од клучните цели на нападот била железничката инфраструктура на главниот град. Според соопштението на претседателот на Управниот одбор на АД „Укрзализница“, Олександр Перцовски, со балистички ракети биле погодени железничко депо и други објекти на железничката инфраструктура. Една од производствените хали била уништена, избувнале пожари, а на одделни делници од железничката мрежа привремено бил ограничен сообраќајот. Како последица на нападот врз објектите на „Укрзализница“, загинале седуммина вработени во компанијата, додека уште еден железничар бил хоспитализиран во тешка состојба.

Во Голосивскиот реон, остатоци од беспилотно летало погодиле нестанбени објект, предизвикувајќи пожар во кој загинало едно лице. Во Днипровскиот реон било регистрирано избивање пожар во нестанбени сектор. Паѓањето на запалени остатоци оштетило паркирани автомобили и предизвикало кршење на прозорци на околните објекти. Од ударниот бран, исто така, биле повредени неколку цивили.

Во Киевската област, најсериозни последици биле регистрирани во Бориспол. Како последица на нападот бил оштетен петкатен станбен објект, од кој спасувачите евакуирале 48 лица. На соседниот паркинг се запалиле автомобили.

Според прелиминарните податоци, како последица на масовниот ракетно-дронски напад на 1 септември, во Киев и Киевската област загинале 12 лица, а 15 биле повредени, меѓу кои и четири деца.

Напад врз транспортната и пограничната инфраструктура

Нападот не бил ограничен само на главниот градски регион. Во текот на ноќта, руски беспилотни летала и ракети биле регистрирани над северните, централните, јужните и источните области на Украина.

Во Новгород-Сиверски, во Черниговската област, руските беспилотни летала најмалку шестпати нападнале еден од објектите. Напади биле извршени и врз Харков, Одеса, Запорожје и населените места во Одеската област.

Посебна цел бил меѓународниот граничен премин „Орливка“ на украинско-романската граница. Како последица на нападот, неговото функционирање било привремено прекинато, а обработката на патници и возила преку граничниот премин била запрена.

Оттука, карактерот на нападот не укажува само на настојувањето на Русија да нанесе штета на украинската цивилна и транспортна инфраструктура, туку и на понатамошно проширување на географијата на нападите врз објекти кои имаат директно значење за меѓународните транспортни коридори.

Систематско исцрпување на украинската ПВО

Масовниот напад на 1 септември претставува уште еден пример за комбинираната тактика на Русија насочена кон пробивање на украинската противвоздушна одбрана. Истовремената употреба на балистички и крстосувачки ракети, ударни и реактивни беспилотни летала создава значително оптоварување за украинскиот систем на ПВО и го принудува да ги распределува ограничените ресурси меѓу различни типови воздушни цели.

Особена опасност претставува употребата на балистички ракети „Искандер-М“, вклучително и со касетни боеви глави, врз густо населените подрачја на Киев. Уништувањето објекти, пожарите и човечките жртви ја демонстрираат директната опасност од овој тип оружје за цивилното население во голема урбана агломерација.

Посебна цел на рускиот напад била железничката инфраструктура на Киев. Прецизното користење балистички ракети против депоа и производствени објекти укажува на настојувањето на Русија да го наруши функционирањето на критично важниот транспортен систем на Украина. Дури и привременото ограничување на сообраќајот на одделни правци создава дополнителни логистички ризици за цивилниот транспорт, економијата и военото снабдување.

Карактерот на нападот, исто така, укажува на настојувањето на Русија да го искористи недостигот на средства за противвоздушна одбрана во Украина. Тоа ја зголемува потребата на Киев од дополнителни системи Patriot и други средства способни да пресретнуваат балистички и високобрзински цели, како и од стабилно снабдување со пресретнувачки ракети.

Потреба од зајакнување на санкциите и способностите на Украина за дејствување на далечина

Воената помош за Украина мора да биде проследена со натамошно зајакнување на санкциите против руското производство на ракети и беспилотни летала. Последниот напад покажува дека Русија и натаму има способност истовремено да употребува балистичко и крстосувачко оружје и постепено ја зголемува употребата на брзи реактивни беспилотни летала.

Ова бара построга контрола врз испораката во Русија на микроелектроника, навигациски модули, оптички системи, мотори, машинска опрема и други компоненти со двојна намена. Истовремено, потребно е да се засили санкцискиот притисок врз банките, трговските компании и посредниците во трети земји преку кои рускиот воено-индустриски комплекс добива критично важни технологии и опрема.

Ноќниот напад се случи и по неколкудневна речиси непрекината употреба на ударни беспилотни летала од страна на Русија против Киев и други украински градови. Тоа укажува на формирање модел на долготраен воздушен притисок од страна на Москва, во кој масовните ракетни напади се комбинираат со повеќедневни напади со БпЛА. Целта е постепено исцрпување на украинската ПВО, создавање недостиг од пресретнувачки ракети и одржување постојан психолошки и физички притисок врз цивилното население.

Во такви услови, само зајакнувањето на противвоздушната одбрана не е доволно. Паралелно со тоа, потребно е систематски да се намалува самата способност на Русија да извршува масовни воздушни напади. За таа цел, на Украина ѝ се потребни способности за напади врз објектите каде што се произведуваат ракети и ударни беспилотни летала, објектите за нивно склопување и складирање, како и врз лансирните позиции и друга воена инфраструктура вклучена во подготовката и извршувањето на нападите.

Соодветно на тоа, западните партнери треба да ѝ обезбедат на Украина средства за дејствување на големи далечини во обем доволен за систематско влијание врз руската воена инфраструктура која овозможува извршување напади врз Украина.

Проширување на заканите за европската транспортна безбедност

Нападот врз меѓународниот граничен премин „Орливка“ на границата меѓу Украина и Романија има посебно стратешко значење. Тој покажува дека руските напади сè повеќе ги засегаат објектите поврзани не само со внатрешната логистика на Украина, туку и со преку граничното поврзување со земјите членки на Европската Унија.

Погодокот на објект непосредно до границата со Романија создава дополнителни ризици за европската безбедност, бидејќи руските средства за напад се употребуваат во непосредна близина на територијата на држава членка на НАТО и ЕУ. Во комбинација со претходните напади врз граничните премини и транспортната инфраструктура, ова може да укажува на создавање системска закана од страна на Русија за меѓународните транспортни коридори, цивилното движење и пограничната инфраструктура долж источната граница на Европа. Оттука, нападот на 1 септември не треба да се разгледува само како уште еден масовен напад врз Украина. Неговиот обем, комбинираниот карактер и изборот на цели укажуваат на настојувањето на Русија истовремено да го исцрпува украинскиот систем на ПВО, да нанесува штета врз критично важната транспортна инфраструктура и да создава ризици за меѓународните логистички маршрути. Одговорот на оваа тактика мора да биде сеопфатен: зајакнување на ПВО, зголемување на резервите од пресретнувачки ракети, ограничување на пристапот на рускиот воено-индустриски комплекс до критични технологии и компоненти, како и проширување на способностите на Украина за напади врз инфраструктурата која ги овозможува руските воздушни напади.

*Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?