На 7 септември, со почеток во 21:00 часот, на платото пред Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија ќе се одржи мултимедијалниот настан „Уметноста ја крши тишината“, посветен на 35 години независност на Македонија.
Наместо класична прослава, настанот носи поинаков концепт – поглед кон иднината преку современа уметност, музика, поезија, перформанс, визуелна уметност, видео-мепинг и клубска култура.
Вечерта ќе ја отвори Игор Џамбазов, чиј глас ќе го означи почетокот на манифестацијата. Во официјалната програма ќе настапат Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска- Мишел Трајковски -Скопје Виа ,Лаура Карлиу.
Посебно место во програмата имаат Јана Стојановска, Мишел Трајковски – Скопје Виа и Лаура Карлиу, кои преку својот уметнички израз ја отвораат темата на различноста, припадноста и поврзувањето на заедниците.
Нивното учество ја проширува приказната на настанот и кон ромската култура и нејзиното место во современата македонска уметничка сцена, испраќајќи порака дека Скопје е град во кој различните култури не треба само да коегзистираат, туку и да создаваат заедно.
Лаура Карлиу, пак, преку изведбите на македонски и албански јазик, ја претвора музиката во мост меѓу различните јазични и културни заедници.
Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба курирана од Антони Мазневски, на која ќе учествуваат уметниците Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глигоровски, Ангел Миов и Синиша Новески.
Актерката Ана Стојановска ќе настапи со рецитал, со што зборот и поезијата ќе го заокружат првиот дел од програмата.
Но, вечерта тука не завршува.
По официјалната програма, платото ќе се претвори во простор за современа клубска култура. Програмата ќе ја отвори Nino Fluder, заедно со Александра на саксофон, по што следуваат Ampov и Dimchuga од колективот Buru.
Вечерта ќе ја затвори специјалната гостинка од Грција – Myrophora, DJ и радио водителка од Солун и дел од грчкиот NON collective. Таа има летна резидентура на Super Paradise на Миконос, настапувала на Reworks во Солун, како и на Panathenaic Stadium во Атина, а паралелно работи и како радио водителка и DJ на солунскиот FLY 104.
Нејзиното гостување во Скопје носи и поширока порака – повторно воспоставување на врската меѓу две блиски регионални сцени.
Регионалната соработка не се гради само со зборови. Таа се гради преку уметници, музика, размена, публика и заеднички простори.
Токму затоа „Уметноста ја крши тишината“ ги спојува традиционалната културна програма и современата урбана сцена, испраќајќи порака дека културата не е само сеќавање на минатото – туку и создавање на иднината.
7 СЕПТЕМВРИ · 21:00 ЧАСОТ
Плато пред Музејот на Македонија
Стара скопска чаршија – Скопје
УМЕТНОСТА ЈА КРШИ ТИШИНАТА.

