Христијан Мицкоски преку објава на Фејсбук го призна поразот во Брвеница, наведувајќи дека зголемената поддршка во споредба со првиот круг сепак не била доволна за целосна победа. Во истата објава ги обвини политичките противници дека се потпирале на демографијата, националната карта и одвлекување гласови.
Според бројките што ги наведе Мицкоски, поддршката пораснала од 3.000 на 4.200 гласа. Тој тврди дека во споредба со парламентарните избори има зголемување од 1.300 гласа, но признава дека тоа не го донело посакуваниот исход.
„Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3000 на 4200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1300, но за жал недоволно за целосна победа“, напиша Мицкоски.
Објавата ја започна со пораката „Сами против сите“, спротивставувајќи ги сопствената изборна програма и концепт на начинот на кој, според него, настапиле противниците.
„Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, наведе тој, без да посочи конкретни имиња.
Мицкоски им се заблагодари и на жителите што гласале за неговата политичка опција и на оние што не ја поддржале. Порача дека исходот од гласањето нема да ја промени владината поддршка за општината.
„Сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата“, напиша Мицкоски.

