Најмалку 40 лица загинаа откако патнички автобус се лизна од патот и падна во длабока клисура во западен Пакистан, соопштија локалните власти, цитирани од АФП.
„Автобус што се движел од Квета до Пешавар паднал во длабока клисура во планинската област Дана Сар. Потврдена е смртта на 40 лица, а 11 други се повредени“, изјави Санаула Шерани, раководител на службите за итни случаи во округот Жоб.
Тој рече дека повредените се однесени во болница, а тројца од нив се во критична состојба.
Автобусот паднал од висина помеѓу 21 и 24 метри. Операцијата за спасување била отежната од суровиот планински терен, додаде Шерани.
Портпаролот на главниот министер на покраината Белуџистан, Шахид Ринд, потврди дека автобусот се движел од главниот град на покраината Квета до Пешавар во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва. Спасувачки екипи од двете покраини се испратени на местото на настанот.
Сообраќајните несреќи се чести во Пакистан поради лошото спроведување на сообраќајните правила, пребрзото возење, лошите услови на патиштата и ризичното возење.
