Дали мистеријата Градиште, кај Битола, го крие Линк, важен град од животописот на Александар Македонски?

Градиште

Повеќе од 400 антички монети се пронајдени во текот на петгодишните систематски ископувања на археолошкиот локалитет Градиште кај битолското село Црнобуки. Годинашните истражувања донесоа нови клучни наоди кои помагаат во целосното разоткривање на овој моќен и богат антички македонски град.

Проектот го води мешовит македонско-американски тим составен од стручњаци на НУ Завод и музеј – Битола и Универзитетот „Кал Поли Хамболд“ од Калифорнија, САД.

Координаторот на проектот, Енгин Насух (археолог советник-кустос во Завод и музеј Битола), објаснува дека пронајдената збирка претставува вистинско историско богатство кое прецизно ја раскажува хронологијата на локалитетот.

Ова не е прво големо откритие на овој арехолошки локалитет. Минатата година, вредните луѓе од Завод и Музеј Битола на изложба со наслов „Приказни од Градиште“, ги претставија пронајдените монети и други артефакти од ерата на македонските кралеви, меѓу кои и сребрена со ликот на Александар III Mакедонски и уште 217 сребрени монети од републиканскиот римски период, од 104 до 41 година пред нашата ера.

Сребрена со ликот на Александар III Mакедонски, пронајдена на локалитетот Градште

Збирката со римски монети веројатно е најголемото досега откриено депо на сребрени монети од тој период во Македонија и заедно со ова најново откритие од оваа година, претставува уште еден значаен дел, парче од мозаикот што ја обликува сликата за овој локалитет.

Примероци од збирката со римски монети

Персеида или Линк, родното место на бабата на Александар Македонски

Сите артефакти откриени во Градиште изминативе 6 години, покажуваат континуиран живот од 1000 години во населбата. Таа се датира од енеолитот и бронзеното време, од кога се најдени и изложени камени секири, па до крајот на старата ера, со последната откриена монета од Октавијан Август.

Енгин Насух, археолог во битолскиот музеј, вели дека најдените предмети се претежно од 3 и 4 век пред новата ера, што сугери на македонскиот период. Во 4 век Филип II Македонски недалеку оттаму го основал градот Хераклеја Линкестис.

„Постојат мислења дали се работи за градот Персеида, оформен од Филип Петти како одбрана од продорот на Римјаните, или пак се работи за градот Линк, главен град на петото македонско кралство, во кој е родена мајката на Филип Втори, односно бабата на Александар Велики. Во овој момент би било неблагодарно да се каже такво нешто. Јас сум склон на оваа втора теорија, но сепак би причекале со натамошните истражувања да потврдиме една од нив“, изјави минатата година за време на отворањето на изложбата „Приказни од Градиште“ Енгин Насух, археолог советник-кустос во Завод и музеј Битола.

Според него, се работи за македонски град, кој подоцна со освојувањата станува римски, но домицилното население останува. Градот се простирал на поголема површина, со сложена мрежа на улици и објекти и силни трговски врски, што го потврдуваат монетите.

„Истражувања многу ќе придонесат за сознанијата за таа античка македонска држава, за римското владеење на овие територии и воопшто за луѓето кои живееле овде. Досега имаме загребано само по површината на локалитетот, ни треба уште многу“, вели Насух.

Сепак, археолозите се претпазливи.

„Со сигурност можеме да кажеме дека се работи за град од македонско-хеленистичкиот период кој опстојувал сè до крајот на старата ера. Опстојувал подолго од она што првично мислевме, бидејќи имаме наоди и од бронзеното време. Но, неблагодарно е да го именуваме градот пред тоа научно и дефинитивно да биде докажано“, нагласува Насух.

Најчитано