Путин му одговори на Зеленски: Не преговараме за руското небо

Рускиот претседател остро реагираше на предупредувањата од Киев за воздушни удари со дронови, порачувајќи дека ваквите најави целосно ги блокираат мировните разговори и носат ризик од нова безбедносна криза.
ФОТО: Alexander Zemlianichenko / POOL / PAP

Рускиот претседател Владимир Путин ја оцени изјавата на украинскиот лидер Володимир Зеленски за де факто затворање на рускиот воздушен простор како директна најава за државен тероризам и се закани со остар воен одговор доколку биде загрозена безбедноста на цивилното воздухопловство. Говорејќи пред новинарите во Бишкек по самитот на Шангајската организација за соработка, шефот на Кремљ испрати отворена порака дека Москва нема да преговара со оние што ги смета за терористи, со што дипломатскиот дијалог влегува во уште подлабок ќор-сокак.

Оваа жестока реакција уследи по официјалното обраќање на Зеленски, во кое тој ги предупреди меѓународните авиокомпании и осигурителните куќи дека руското небо станува крајно небезбедно поради засилените дејствија на украинските беспилотни летала. Киев со месеци систематски ги таргетира руските воени аеродроми, нафтени складишта и транспортни јазли со цел да ја наруши логистиката на руските сили, но најавата за пошироко затворање на воздушните коридори претставува дополнителна ескалација со глобални последици.

Ваквото заострување на реториката значи продолжување на нарушувањата во авиосообраќајот, зголемување на трошоците за превоз и дополнителен притисок врз цените на енергенсите на меѓународните пазари. Заобиколувањето на рускиот воздушен простор веќе со години ги поскапува летовите кон Азија, а евентуалните инциденти на цивилни коридори се закануваат да создадат уште поригорозни протоколи за безбедност и нови поскапувања на авионските билети што директно ќе го погодат домашниот буџет на патниците.

Додека украинската страна инсистира дека целта е пренесување на воениот товар директно на територијата на агресорот, Кремљ најавува соодветни мерки кои би можеле да значат уште поголеми одмазднички удари врз украинската инфраструктура.

„Скренувам внимание на тоа дека тие бараат продолжување на преговорите и лични средби со нас. Со терористи не се преговара, тоа е прво. Второ, доколку се случат такви трагедии, ќе најдеме со што да одговориме и никој не треба да се сомнева во тоа“, изјави Владимир Путин во Бишкек.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?