Ева Костиќ е прогласена за најдобра актерка на филмски фестивал во Полска за улогата во „17“

Костиќ

Интернационалниот Филмски Фестивал ТОФИФЕСТ, кој се одржа од 27 јуни до 3 јули во Торуњ, Полска, ѝ ја додели наградата Најдобра актерка на Ева Костиќ за нејзината улога во дебитантскиот игран филм „17“ на Косара Митиќ.

Петчленото жири, кое одлучуваше за наградата годинава, го сочинуваа режисерите Магдалена Лазаркјевич и Ксавери Жулавски, актерите Анджеј Хира и Каролина Грушка, и продуцентот Војчех Гостомчик. Нивното официјално образложение е следното:

„Жирито ја доделува наградата Најдобра актерка на Ева Костиќ за нејзината длабоко трогателна изведба на ликот „Сара“ во „17“. Со извонредна чувствителност и храброст, таа го води својот лик низ искуствата на траума, осаменост, отуѓеност, срам и страв. Преку воздржана, но експресивна глума, таа ја пренесува длабочината на страдањето на Сара, откривајќи ја нејзината ранливост и внатрешна сила. Тоа е изведба што ѝ пристапува на една исклучително тешка тема со емпатија и достоинство, оставајќи траен впечаток долго по завршувањето на филмот.“

„17“ се прикажа во главната натпреварувачка програма ON AIR Competition, посветена на првото и второто режисерско остварување, во конкуренција со уште единаесет филма од повеќе земји.

Фестивалскиот живот на филмот продолжува на 43.Jerusalem Film Festival (JFF) и 16. Atlàntida Mallorca Film Fest.

Најчитано