Голем пад во бројот на издадени градежни дозволи

становите

Градежниот сектор во Македонија бележи значително забавување. Во мај годинава се издадени 340 одобренија за градење, што претставува пад од 27,5 проценти во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Иако бројот на одобренијата е значително намален, со нив е предвидена изградба на 840 нови станови низ државата. Најголем дел од дозволите, односно 229, се однесуваат на објекти од високоградба, 49 се за нискоградба, а 62 за реконструкција на постојни објекти.

Според статистиката, најголем интерес за нова станбена изградба има во Источниот регион, каде се планирани 249 станови. Следуваат Југозападниот регион со 189, Скопскиот со 166 и Југоисточниот со 106 нови станбени единици. Во Вардарскиот и Пелагонискиот регион се предвидени по 19 станови, додека во Североисточниот само еден.

Падот на бројот на издадени дозволи доаѓа во период кога цените на недвижностите продолжуваат да растат. Анализите покажуваат дека квадратот во делови од Скопје веќе достигнува рекордни нивоа, и покрај намалената активност на пазарот и послабиот интерес за нова градба.

Економските аналитичари оценуваат дека намалениот број нови градежни проекти може дополнително да влијае врз понудата на станови во наредниот период, особено ако продолжи трендот на високи цени на градежните материјали, недостиг на работна сила и зголемени трошоци за инвеститорите.

Најчитано