Албанија се враќа на лидерските позиции во регионалната трка за членство во ЕУ, утре затвора три поглавја

Албанија
EPA-EFE/MALTON DIBRA

Албанија утре, на 14 јули, ќе направи уште еден значаен исчекор на патот кон членството во Европската Унија. На деветтата Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Албанија во Брисел, официјално ќе бидат привремено затворени првите три преговарачки поглавја – „Наука и истражување“, „Образование и култура“ и „Надворешни односи“, објави албанскиот премиер Еди Рама.

Иако станува збор за поглавја кои традиционално се сметаат за помалку политички и полесни за усогласување со европското законодавство, нивното затворање има далеку поголемо значење од самиот технички аспект. За првпат откако ги започна пристапните преговори, Албанија не само што отвора, туку и успешно затвора преговарачки поглавја, со што испраќа сигнал дека процесот на европска интеграција влегува во нова, поконкретна фаза.

Во методологијата на Европската Унија, привременото затворање на поглавје значи дека Европската комисија и земјите членки оцениле оти кандидатот во таа област во голема мера го усогласил своето законодавство и институциите со европското право. Тоа не значи дека работата е завршена, бидејќи секое поглавје може повторно да биде отворено доколку земјата назадува во реформите, но претставува јасен доказ дека реформите даваат резултат и дека процесот се движи напред.

За Тирана ова е и силна политичка порака. Владата на Еди Рама веќе неколку години ја поставува 2030 година како цел за полноправно членство во Европската Унија, а секој нов чекор во преговорите го претставува како доказ дека тој рок е достижен.

За Рама ова е добредојдена вест во време кога дома е под силен притисок за оставка со повеќедневните протести кои започнаа како еколошки, но добија силна политичка димензија

За Европската Унија, пак, ова покажува дека политиката на проширување, која долго време беше практично замрзната, повторно добива динамика, особено по променетата геополитичка ситуација во Европа.

Развојот на настаните има значење и за целиот Западен Балкан. Додека Албанија отвора и затвора преговарачки поглавја со забрзано темпо, останатите кандидати се движат со различна брзина. Црна Гора останува најнапредната земја во преговарачкиот процес, но Албанија во последните две години направи видлив исчекор и стана една од најдинамичните кандидатки за членство. Србија, пак, веќе подолго време практично нема напредок во отворањето и затворањето на нови поглавја, пред сè поради застојот во реформите во владеењето на правото и односите со Косово.

Во овој регионален контекст си ја знаеме позицијата на Северна Македонија. Иако земјата формално ги започна пристапните преговори во ист пакет со Албанија во јули 2022 година, македонскиот процес останува блокиран пред отворањето на првиот кластер од преговарачките поглавја поради условот за усвојување на уставните измени поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот. Додека Тирана веќе зборува за затворање на поглавја, Скопје сè уште не може да ја започне суштинската фаза од преговорите.

Токму затоа најавеното затворање на првите три поглавја од албанските преговори е повеќе од дипломатски успех на една земја. Тоа е показател дека Европската Унија повторно е подготвена да ги наградува државите што ги исполнуваат критериумите, но и потсетник дека во процесот на проширување нема автоматизам. Напредокот зависи и од реформите дома и од политичките околности во секоја кандидатка.

За Северна Македонија ова е уште едно потсетување колку брзо може да се промени регионалната слика. Земјата што пред неколку години важеше за предводник на европските интеграции денес гледа како нејзиниот сосед го претвора преговарачкиот процес во конкретни резултати, додека македонската европска агенда останува заглавена во домашниот политички спор околу уставните измени.

Најчитано