Владата нема да го разреши Далибор Китановиќ, барем не веднаш, по неговата објава со која беше глорифициран правосилно осудениот за геноцид и воени злосторства Ратко Младиќ. Наместо разрешување, од „Илинденска“ број 2 порачаа дека ставот на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците е „личен и неприфатлив“ и дека од него ќе побараат да го повлече својот став.
Токму оваа формулација отвора посериозно прашање од политичката осуда: зошто Владата, која го именувала Китановиќ за директор со четиригодишен мандат и има институционална можност да одлучува за неговата функција, наместо да покрене прашање за разрешување му нуди можност да го „повлече ставот“?
Дополнително со експертски став се јави и Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, која реагираше на ставот на Владата дека директорот Далибор Китановиќ треба самиот да се повлече доколку не се согласува со правно утврдениот факт дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид.
„Владата му остава простор за одлучување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците – да го повлече јавно искажаниот став за Ратко Младиќ или да си поднесе оставка?“, прашува Пировска.
Повлекувањето или бришењето на објавата само по себе не значи дека исчезнува можната кривична одговорност. Член 407-а од Кривичниот законик предвидува затвор од една до пет години за оној што преку информациски систем јавно негира, грубо минимизира, одобрува или оправдува геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства.
Дали објавата на Китановиќ ги исполнува законските обележја на ова кривично дело не може да го реши Владата со политички повик за повлекување, туку тоа е прашање за Јавното обвинителство и, доколку има постапка, за судот.
Затоа останува и политичкото прашање: дали Владата со ваквиот мек пристап се обидува да ја затвори аферата без директен судир со Демократската партија на Србите во Македонија, матичната партија на Китановиќ и коалициски партнер во власта предводен од министерот Иван Стоилковиќ?
Политички е легитимно да се постави прашањето зошто од функционер чија објава отвора можност за испитување по член 407-а се бара корекција на ставот, наместо веднаш да се утврдува политичка одговорност.
Дополнително, ДПСМ јавно застана зад Китановиќ, додека и самата партија објави текст во кој Младиќ се претставуваше како генерал кого многу Срби го сметале за свој.

