Почина режисерот и драматург Кирил М. Петрески

Почина македонскиот режисер и драматург Кирил М. Петрески, долгогодишен член на прилепскиот Народен театар „Војдан Чернодрински“. Веста за неговата смрт денеска ја соопшти театарот, кој неговото заминување го оцени како голема загуба за македонската театарска сцена. Петрески живееше од 1971 до 2026 година.

Петрески од 2013 година работеше како драматург и режисер во НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде во текот на повеќе од една деценија остави значаен авторски белег.

Дипломирал театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Слободан Унковски. Негова дипломска претстава била „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.

На прилепската сцена режираше голем број претстави, меѓу кои „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Роберто Зуко“ од Бернар-Мари Колтес, „Четвртата сестра“ од Јануш Гловацки, „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, „Маратонците го трчаат почесниот круг“ од Душан Ковачевиќ, „Хамлет од Горно Дупени“, „Демократија“ и „Ученикот“.

Со „Роберто Зуко“ учествувал и на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2006 година, додека „Четвртата сестра“ исто така била дел од фестивалската програма.

Неговата работа не беше ограничена само на Прилеп. Во Кумановскиот театар ги постави „Варијации: диви пајки“ и „Не играј на Англичани“, а во охридскиот Народен театар „Григор Прличев“ ја режираше претставата „На дното“ според Максим Горки.

Од Театарот „Војдан Чернодрински“ упатија сочувство до семејството, блиските, колегите и соработниците на Петрески, наведувајќи дека со неговото заминување македонскиот театар губи автор кој оставил препознатлив печат.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?