СДСМ бара извинување од Мицкоски и Стоилковиќ и реакција од Гаши

СДСМ

СДСМ побара извинување од премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, како и реакција од претседателот на Собранието Африм Гаши, поради навреди и непримерно однесување кон пратеници на опозициската партија за време на собраниската седница.

Од СДСМ велат дека прес-конференцијата ја свикале во вонредни околности, бидејќи случувањата во Собранието, според нив, биле надвор од сите демократски критериуми, особено затоа што во нив биле вклучени претседателот на Владата и кандидат за министер.

Партијата оцени дека македонската јавност била сведок на голема нервоза во моментите кога во Собранието се разговарало за резултатите и неуспесите на извршната власт во изминатите две години.

Според СДСМ, едно од клучните правила во демократијата е власта да ги слушне критиките, да ги согледа слабостите и врз основа на нив да се обиде да го подобри своето работење.

Од партијата сметаат дека во Македонија демократијата се сфаќа поинаку и дека власта верува оти ќе постигне подобри резултати со напади врз оние што укажуваат на слабостите во општеството.

СДСМ тврди дека навреди биле упатени кон заменик-координаторот на пратеничката група Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите во државата и за изборот на Владата.

Од партијата оценија дека не станува збор за изолиран случај, туку за говор на омраза што може да создаде услови за насилство.

Според нивното соопштение, по прекинувањето на седницата следувал и директен напад од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој им се нафрлил на двајцата пратеници со навреди и пцовки.

Од СДСМ сметаат дека ваквото однесување не му доликува на кандидат за министер што треба да биде избран токму од Собранието.

Партијата наведува дека случувањата во изминатите две години, економската состојба, проблемите во земјоделството, социјалните политики и застојот на европскиот пат не можат да бидат поништени со напади врз опозицијата и пратениците.

Од СДСМ го критикуваа и молчењето на претседателот на Собранието Африм Гаши, кој, како што велат, не реагирал иако претседавал со седницата.

Според партијата, Гаши бил должен да реагира бидејќи изнесените навреди не биле во согласност со Деловникот, ниту со Етичкиот кодекс што Собранието го усвоило едногласно.

Од СДСМ посочуваат дека Етичкиот кодекс не може да важи само за пратениците, туку уште повеќе треба да важи за претседателот на Владата, членовите на Владата и сите функционери што ги избира Собранието.

Тие нагласуваат дека владините функционери мора да бидат одговорни пред пратениците што ги избираат, а преку нив и пред граѓаните, бидејќи пратениците се нивни претставници.

СДСМ побара јавно извинување, оценувајќи дека никој не заслужува да биде навредуван, да му се упатуваат закани или пцовки.

Партијата побара и официјална реакција од Африм Гаши, со која, како што велат, претседателот на Собранието треба да покаже дека е прв меѓу еднаквите и дека правилата важат за сите присутни во законодавниот дом.

Најчитано