Брисел на Мицкоски му готви понуда „земи или остави“ што нема да може да ја одбие

„земи или остави“

Политиката ретко функционира со изненадувања. Особено европската. Во Брисел, Берлин и Париз, решенијата обично не се појавуваат преку ноќ. Тие долго се подготвуваат зад затворени врати, преку дипломатски сондирања, внимателно избрани пораки и постепено тестирање на јавноста.

Токму затоа, ако се погледнат настаните од последните шест месеци, се добива впечаток дека околу македонските евроинтеграции полека се гради нов политички пакет. Не е готов, никој официјално не го потврдува, но индициите стануваат сè побројни.

Доколку овие сигнали се прочитаат како целина, а не како изолирани изјави, тогаш не е неосновано да се претпостави дека премиерот Христијан Мицкоски наскоро би можел да се соочи со понуда од типот „земи или остави“ компромис, што нема целосно да ги исполни неговите екстремни и политички неосновану барања, но ќе биде политички доволно „спакуван“ за да може да се претстави како успех пред домашната јавност.

Важно е да се нагласи: ова не е тврдење дека таков договор постои, туку анализа заснована на серија јавни сигнали и дипломатски пораки кои, разгледани заедно, укажуваат на можен правец на развој.

Од Тиват започнаа најинтересните сигнали

Првата индиција дојде на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват.

Пред самитот, владата инсистираше дека без цврсти гаранции нема простор за поместување на позициите. Но, по разговорите со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, тонот на Мицкоски видливо се промени.

Наместо категорични пораки, почна да зборува за „иновативни решенија“, за тоа дека со љубопитност ќе ги почека европските предлози и дека постои простор за разговор. Тоа беше првиот момент кога наместо конфронтација, во јавноста се појави внимателен оптимизам.

Истовремено, на самитот беше претставен германско-францускиот нон-пејпер за забрзување на проширувањето преку постепена интеграција на кандидатите во европските политики и единствениот пазар. Иако документот не ја менува преговарачката рамка, тој покажува дека Берлин и Париз бараат нови политички инструменти за да го одржат кредибилитетот на процесот на проширување.

Од „гаранции“ до „внатрешни гаранции“

Втората индиција се појави веднаш потоа.

Со месеци Владата инсистираше на европски гаранции дека по внесувањето на Бугарите во Уставот нема да следуваат нови бугарски блокади.

Но еврокомесарката за проширување Марта Кос беше исклучително јасна:

Ниту една земја кандидат досега не добила такви гаранции.

Со таа реченица практично беше затворена можноста Брисел формално да му даде на Скопје нешто што никогаш не му го дал на ниту еден кандидат.

Но токму тогаш почна да се шири сосема поинаква идеја.

Наместо европски гаранции – „внатрешни гаранции“.

Станува збор за механизми што Македонија самата би ги воспоставила, со широк политички консензус, за да обезбеди дека евентуалните идни идентитетски прашања нема да можат лесно да се претворат во нови политички условувања.

Предлогот првично изгледаше како академска дебата, но за кратко време почна да се појавува во јавниот простор како сериозна алтернатива на барањата на Мицкоски за гаранции што Брисел однапред ги отфрли.

Настрана што сосема слична варијанта за „внатрешни гаранции“ беа на масата уште во 2022 година, кога тогашната влада на СДСМ понуди  закон за преговори со вклучени заклучоци дека Македонија веднаш ќе ги напушти преговорите ако излезат од рамката, особено по прашањата за идентитетот.

Рокас ја помести анализата од шпекулација кон претпоставка

Најсилниот сигнал, сепак, пристигна вчера, на 14 јули.

Евроамбасадорот Михалис Рокас изјави дека:

„Многу работа веќе се прави зад радарот, зад очите на јавноста… Се надевам дека наскоро ќе се најде решение што ќе го отвори патот за почеток на преговорите.“

Ова е веројатно првата експлицитна потврда од висок европски претставник дека постои дипломатски процес кој јавноста не го гледа.

Дипломати речиси никогаш не зборуваат за преговори што не постојат.

Уште помалку користат формулација дека „се работи зад радарот“ ако нема конкретен процес што треба да остане дискретен додека не созрее.

Што би можело да содржи понудата?

Ако се поврзат сите овие сигнали, можно е да се претпостави дека европската формула нема да биде промена на Преговарачката рамка.

И самиот Рокас повеќепати повтори дека уставните измени остануваат дел од рамката од 2022 година и дека германско-францускиот нон-пејпер не ја менува.

Оттука, просторот за компромис најверојатно не се бара во формалните документи, туку во политичката архитектура околу нив.

Можно е пакетот да содржи комбинација од:

  • силни политички декларации од највисоко европско ниво;
  • дополнителни механизми за следење на билатералните прашања;
  • „внатрешни гаранции“ договорени во Македонија;
  • постепена интеграција во европските политики уште пред полноправното членство;
  • конкретни економски и институционални придобивки што ќе ја направат политичката цена полесно прифатлива.

Ниту еден од овие елементи сам по себе не би ја сменил Преговарачката рамка. Но сите заедно би можеле да создадат нов политички пакет што секоја страна би можела да го претстави како сопствен успех.

Зошто токму сега?

Од почетокот на годинава Брисел испраќа една иста порака.

Проширувањето повеќе не е само политика на интеграција, туку геополитички интерес на Европската Унија.

Во Тиват, лидерите на Унијата нагласија дека процесот мора да се забрза и дека Западниот Балкан не смее да остане во чекалницата.

Во исто време, Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина напредуваат со значително побрзо темпо.

За ЕУ, Македонија станува исклучок што го нарушува впечатокот дека политиката на проширување е повторно жива.

Затоа расте притисокот да се најде формула што нема формално да ја смени рамката од 2022 година, но ќе создаде доволно политички простор Скопје конечно да го направи следниот чекор.

Ќе може ли Мицкоски да каже „не“?

Тоа ќе биде најважното политичко прашање.

Доколку понудата навистина биде комбинација од политички уверувања, домашни механизми, постепена интеграција и конкретни европски придобивки, тогаш ќе биде многу потешко да се одбие отколку досегашните предлози.

Токму затоа тезата дека Мицкоски би можел да се соочи со понуда од типот „земи или остави“ денес повеќе не звучи како политичка шпекулација.

Таа сè уште не е факт. Но, по Тиват, по дебатата за „внатрешните гаранции“ и особено по пораката на Михалис Рокас дека „зад радарот“ интензивно се работи на решение, веќе има доволно сериозни индиции ова прашање да се разгледува како основана политичка претпоставка.

Ако тие индиции се претворат во конкретен европски пакет Власта во Македонија ќе биде ставена на тест го препознае и прифати компромисот што ја отвора вратата кон ЕУ, наместо да измисли уште една причина за нов застој.

Најчитано