Јуни како тивка катастрофа: Жештините во Европа поврзани со 14.000 смртни случаи

топлотниот бран

Рекордниот топлотен бран што ја зафати Западна Европа кон крајот на јуни е поврзан со најмалку 14.000 смртни случаи, според прелиминарни анализи и проценки што ги пренесуваат европските медиуми.

Топлотниот бран траел од околу 18 јуни до 1 јули и урнал температурни рекорди во повеќе земји. Најпогодени биле Германија, Франција, Белгија, Холандија, Шпанија и Велика Британија, каде што здравствените системи, енергетските мрежи и градската инфраструктура биле под силен притисок.

Податоците покажуваат дека само во една недела, од 22 до 28 јуни, во 27 европски земји биле регистрирани 10.650 вишок смртни случаи во споредба со очекуваното ниво на смртност. Најголем дел од нив биле кај лица постари од 65 години.

Екстремната жештина ретко се гледа како катастрофа во моментот кога се случува, затоа што не остава видливи урнатини како поплавите, пожарите или земјотресите. Но статистиката за смртност покажува дека топлотните бранови се меѓу најсмртоносните климатски ризици во Европа.

Западна Европа во јуни го забележа најтоплиот јуни откако се водат мерења. Просечната температура во регионот била повеќе од три степени над просекот за периодот 1991-2020 година.

Научниците предупредуваат дека ваквите екстреми стануваат почести и поинтензивни поради климатските промени. Повисоката глобална температура ја крева основата од која почнуваат топлотните бранови, па нивните врвови стануваат поопасни за луѓето, особено за старите лица, хронично болните, децата и работниците на отворено.

Најчитано