Компаниите имаат рок до 24 јули, 5,4 милиони евра за 1.385 нови вработувања

Микро, малите и средните компании, социјалните претпријатија и граѓанските организации можат да аплицираат до 24 јули за финансиска поддршка за нови вработувања преку мерката „Вработување и раст на правни субјекти“.

Со мерката се предвидени 332,65 милиони денари, односно околу 5,4 милиони евра, за поддршка на 1.385 нови работни места. Јавниот повик е дел од Оперативниот план за вработување за 2026 година, а го спроведува Агенцијата за вработување.

Можноста пред претставници на Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори ја презентираше заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Целта на мерката е да им помогне на правните субјекти што имаат потреба од проширување на капацитетите, но и да отвори нови можности за невработените лица што се евидентирани на пазарот на трудот.

Една компанија може да добие поддршка за најмногу пет нови работни места. Износот на финансиската поддршка се движи од 800.000 до 1.250.000 денари, во зависност од бројот на одобрените вработувања и од целната група на лицата што ќе бидат вработени.

Највисоката субвенција, до 250.000 денари по лице, е предвидена за вработување млади лица до 29 години. Со тоа мерката е насочена и кон задржување на младите на пазарот на трудот, особено во приватниот сектор каде што недостигот од работна сила станува сè поголем предизвик за компаниите.

Поддршката е наменета за микро, мали и средни претпријатија, но и за социјални претпријатија и граѓански организации, што значи дека повикот не е ограничен само на класичниот бизнис-сектор.

Компаниите што ги исполнуваат условите треба да поднесат апликација во центрите на Агенцијата за вработување. Дополнителни информации се достапни преку центрите за вработување, на телефонскиот број 02/3111-850 и на веб-страницата на Агенцијата.

Најчитано