Сипаниците се шират: 10 нови жаришта, евтаназирани над 1.400 овци и кози

Десет нови жаришта на сипаници кај овци и кози се потврдени во Македонија од почетокот на јули, со што вкупниот број на регистрирани жаришта од првиот случај во јануари се зголеми на 17. Во заразените одгледувалишта се евидентирани повеќе од 2.700 приемчиви животни, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Новите случаи се потврдени во одгледувалишта во Саса во Општина Македонска Каменица, Соколарци во Општина Чешиново-Облешево, Бигла во Општина Делчево, Малино и Косевица во Општина Свети Николе и Сопот во Општина Куманово. Бројот на жаришта е поголем од бројот на наведените населени места бидејќи во дел од нив болеста е потврдена во повеќе од едно одгледувалиште.

Од вкупно 17 регистрирани жаришта, 15 се во одгледувалишта со овци, а две во одгледувалишта во кои се чувале и овци и кози. Првиот случај годинава бил потврден кон крајот на јануари во кумановското село Лопате, по што болеста постепено се прошири и кон источниот дел од државата.

Агенцијата досега спровела депопулација, односно евтаназија на сите животни во заразените одгледувалишта, на повеќе од 1.400 овци и кози. Во четвртокот била завршена евтаназијата во одгледувалиштето во кумановското село Сопот, а постапката треба да продолжи и во новите жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе.

Продолжувањето на постапката зависи и од тоа кога локалните власти ќе обезбедат соодветни локации за нештетно закопување на животните. Покрај евтаназијата, во заразените одгледувалишта се спроведуваат чистење, дезинфекција и ограничување на движењето, со цел вирусот да не се пренесе во соседните стада.

На сила остануваат контролните и заштитните мерки донесени од АХВ на 14 јули. Тие предвидуваат ограничување на движењето на овци и кози во утврдените зони, контрола на транспортот и зајакнат ветеринарен надзор врз одгледувалиштата. Агенцијата објави дека претходните решенија се заменети со нови мерки приспособени на актуелната епидемиолошка состојба.

Ограничена е и работата на добиточните пазари за овци и кози, како и организирањето изложби, саеми и други собири на кои може да дојде до контакт меѓу животните од различни одгледувалишта. Млекото од заштитните зони може да се пушта во промет само по соодветна термичка обработка.

Сточарите се задолжени веднаш да пријават појава на симптоми, заболување или угинување на овци и кози кај матичните ветеринарни друштва или кај официјалните ветеринари. Од нив се бара да го ограничат пристапот на лица и возила до фармите, да ја дезинфицираат опремата и да не внесуваат животни со непознато потекло или без соодветна документација.

АХВ одржала средба со претставници на здруженијата и Сојузот на одгледувачи на овци, на која биле презентирани епидемиолошката состојба и мерките за спречување на ширењето. На сточарите им биле доставени и материјали со информации за симптомите, биосигурноста и начинот на пријавување сомнителни случаи.

Сипаниците кај овците и козите се високо заразни вирусни заболувања предизвикани од вируси од групата каприпокс. Болеста може да предизвика треска, кожни промени, оштетувања на внатрешните органи, намалено производство и угинување на животните. Таа не се пренесува на луѓето и не претставува ризик за јавното здравје, но може да предизвика големи економски штети во сточарството.

Најчитано