Во само два дена јавноста беше сведок на две одлуки за „Талир 2“ и „Тотал“ што повторно ја отворија најболната тема за македонското правосудството – застарувањето на предметите за висока корупција.
Најнапред Апелациониот суд ја потврди одлуката дека кривичното гонење во предметот „Талир 2“, во кој обвинет беше поранешниот премиер Никола Груевски, запира поради апсолутна застареност. Само ден подоцна Основното јавно обвинителство се повлече од обвинението во предметот „Тотал“ против новинарот Драган Павловиќ-Латас за даночно затајување, при што за дел од обвинението исто така беше констатирана застареност.
Двата случаи се различни по својата правна природа, но имаат една заедничка карактеристика – и двата потекнуваат од предметите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), институцијата што требаше да стане симбол на пресметката со високата корупција.
Случајност или повторувачки образец?
Само по себе, едно застарување не мора да значи системски проблем. Но кога низ годините повеќе предмети од висок јавен интерес завршуваат без правосилна судска разрешница поради истек на роковите, неизбежно се поставува прашањето дали станува збор за повторувачки институционален образец.
Во изминатите години јавноста сведочеше на бројни одлагања на рочишта, промени на судечки совети, дополнителни вештачења, враќање на предмети на повторно судење, промени на обвинители и долги паузи меѓу рочиштата. Секој од тие чекори можеби има процесно оправдување, но нивниот кумулативен ефект е ист – времето работи во корист на обвинетите.
Затоа денес повеќе не е клучното прашање дали некој е виновен или невин. Прашањето е дали државата успева навреме да ја утврди евентуалната кривична одговорност.
Предупредувањата што останаа без одговор
Поранешната обвинителка на СЈО Ленче Ристовска со години предупредуваше дека најголемата опасност за предметите на СЈО не се доказите, туку времето.
Во повеќе јавни настапи по згаснувањето на СЈО таа посочуваше дека префрлањето на предметите во редовното обвинителство, честите организациски промени, менувањето на обвинителските тимови и долгите судски постапки создаваат реален ризик дел од предметите никогаш да не добијат конечна судска разрешница.
Ристовска предупредуваше дека секое неоправдано одлагање ја намалува можноста државата ефикасно да ги процесуира случаите на висока корупција и дека правдата што доаѓа предоцна, практично престанува да биде правда.
Денешните случувања со „Талир 2“ и „Тотал“ повторно ги актуелизираат тие предупредувања.
Европската комисија со години го повторува истото
Проблемот не го нотираат само домашните обвинители и експерти.
Во последователните извештаи за Северна Македонија, Европската комисија оценува дека земјата има ограничен напредок во борбата против високата корупција и постојано предупредува дека долгите судски постапки, честите одлагања и неефикасноста ја поткопуваат довербата во правосудството и ја намалуваат ефикасноста на кривичното гонење.
Комисијата редовно нагласува дека е неопходно предметите за висока корупција да се процесуираат навремено и да завршуваат со правосилни судски одлуки во разумен рок.
Оваа оценка речиси без промена се повторува со години.
GRECO: Нема борба против корупцијата без ефикасно судство
Слични забелешки содржат и извештаите на Групата држави против корупција (GRECO) при Советот на Европа.
GRECO постојано укажува дека успешната борба против високата корупција не зависи само од отворањето истраги, туку и од способноста институциите навремено да ги доведат предметите до конечна судска разрешница.
Организацијата инсистира на поголема ефикасност на обвинителствата и судовите, подобро управување со сложените предмети и избегнување неоправдани процесни одлагања.
Кога времето станува адвокат во правдата
Во случајот „Тотал“, Обвинителството објасни дека до повлекувањето на обвинението дошло по дополнително супервештачење, кое било наложено од судот и траело подолг период, а во меѓувреме за дел од делата настапила апсолутна застареност.
Во „Талир 2“ конечниот исход исто така не беше ослободителна пресуда по оценка на доказите, туку запирање на постапката поради истекот на законските рокови.
Во двата случаи, времето се покажа како одлучувачки фактор.
Политичките последици се многу поголеми од судските
Без разлика на политичката припадност на обвинетите, серијата предмети што завршуваат со застарување има сериозни последици врз довербата во институциите.
СЈО беше формирано како одговор на една од најголемите политички кризи во современата македонска историја. Неговата мисија беше да покаже дека никој не е над законот.
Денес, повеќе од една деценија подоцна, јавноста сè почесто не ги памети обвиненијата, туку ги памети застарувањата.
Така, наместо судските пресуди да ја затворат политичката дебата, токму нивното отсуство ја продлабочува недовербата.
Најголемиот пораз е довербата
Јасно е дека „Талир 2“ или „Тотал“ не се изолирани случаи.
Којзнае е уште колку предмети од висок јавен интерес ќе завршат без конечна судска разрешница пред државата да признае дека проблемот не е само во поединечните обвинители, судии или адвокати, туку во системот што дозволува времето да стане најсилниот сојузник на обвинетите.
Во правната држава никој не смее однапред да биде прогласен за виновен.
Но, подеднакво важно е никој да не остане без судска разрешница само затоа што часовникот побрзо работел од институциите.
