Градоначалникот на Гостивар ќе ги чека официјалните докази за водата, додека болницата се полни со пациенти

Гостивар
Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани

Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, ги повика граѓаните да останат смирени и да ја почитуваат привремената забрана за користење на водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна, сè додека не бидат објавени официјалните лабораториски резултати.

Според него, мерката е воведена превентивно, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел да се заштити здравјето на населението.

Досегашните анализи биле во дозволените граници

Лимани соопшти дека редовните анализи на ЈП „Комуналец“ досега покажувале дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности.

Во меѓувреме, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции зеле примероци за дополнителни лабораториски испитувања. До објавувањето на официјалните резултати, забраната за пиење и подготовка на храна со вода од градскиот водовод останува во сила.

Ќе се проверуваат и тврдењата за отпадна вода

Градоначалникот се осврна и на информациите дека во водоводниот систем наводно била вбризгувана отпадна вода. Според податоците што ги добил од ЈП „Комуналец“, на посочената локација немало канализациска мрежа.

Сепак, тој нагласи дека сите наводи ќе бидат проверени и дека конечната оценка ќе ја дадат надлежните институции.

МВР претходно соопшти дека постојат основи на сомнение оти ЈП „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито со истечни отпадни води, преку кои вода наводно била вбризгувана во главниот цевковод за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа поради недостиг од питка вода.

Повеќе од 1.200 граѓани побарале лекарска помош

Во изминатите неколку дена, повеќе од 1.200 жители на Гостивар побарале медицинска помош поради стомачни инфекции и интензивни симптоми.

Лимани ги повика граѓаните да се информираат исклучиво од официјални извори и да не споделуваат непроверени информации. Тој порача дека здравјето на населението е највисок приоритет и дека сите натамошни одлуки ќе се носат врз основа на наодите на стручните институции.

Најчитано