Опозициската СДСМ, повикувајќи се на најновите податоци на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), соопшти дека синдикалната потрошувачка кошничка за јули 2026 година изнесува 68.500 денари, оценувајќи дека тоа е показател за сериозно влошување на животниот стандард на граѓаните.
Од партијата наведуваат дека четиричлено семејство месечно троши повеќе од 25.000 денари само за храна и пијалаци, а доколку се пресмета и кирија за стан од 60 квадратни метри, вкупните месечни трошоци достигнуваат 83.873 денари.
СДСМ тврди дека минималната плата останува далеку под 600 евра, додека, според нив, просечната плата не го следи растот на трошоците за живот. Во партиското соопштение се наведува и дека инвестициите се намалени за повеќе од 60 проценти, а земјоделците се соочуваат со повисоки цени на горивата и репроматеријалите, без, како што велат, соодветна државна поддршка.
Опозициската партија предупредува дека по најновото поскапување на горивата може да следуваат нови зголемувања на цените на основните производи, а претстојната есен и зима дополнително ќе го зголемат финансискиот притисок врз домаќинствата поради почетокот на учебната година и очекуваните повисоки трошоци за енергија и огрев.
Во соопштението, СДСМ ја обвинува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека не презема доволно мерки за заштита на животниот стандард и оценува дека економските политики довеле до сериозно влошување на состојбата на граѓаните.
