Додека трае скандалот со загадената вода во водоводот на Гостивар, потсетуваме дека во Кривичнио законик е предвидено посебно кривично дело Загадување вода за пиење, казниво по член 219.
Со оглед на фактот дека во случајот Гостивар е прогласена и епидемија предизвикана од вакво дело, кое може да се квалификува и како потежок облик, можната казна може да стигне и до пет години.
Ако се водиме по достапните информации, одговорните лица во Водовод Гостивар неделава треба да бидат веќе во својство на осомничени, а ОЈО Гостивар да отвори предистражна постапка поради постоење основи на сомнение дека кај осомничените има или евентуална умисла или делото е сторено од небрежност.
Еве ги членовите од законот кои предвидуваат мерки
Загадување вода за пиење
Член 219
(1) Тој што со некоја штетна материја ќе ја направи неупотреблива водата за пиење во извори, бунари, цистерни или резервоари или некоја друга вода за пиење, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до појава на епидемија на заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една година до пет години.
Во меѓувреме во Гостивар се поставени и првите цистерни со вода за пиење која за општина како што е Гостивар секој ден ќе треба да се обезбеди во количина од 50.000 литри дневно.
