Одговорноста за кризата во Гостивар стана ново поле на политички судир, откако премиерот Христијан Мицкоски побара морална одговорност од градоначалникот и локалните раководители, додека СДСМ ја насочи одговорноста кон министерот за здравство Сашо Клековски и државните институции.
Мицкоски изјави дека морална одговорност треба да понесат сите, почнувајќи од првиот човек на локалната власт, па надолу. Според него, евентуалната кривична одговорност треба да ја утврди Обвинителството по завршувањето на истрагата.
Премиерот рече дека резултатите од анализите на водата биле завршени и доставени до Обвинителството. Основното јавно обвинителство, сепак, соопшти дека извештајот од Институтот за јавно здравје сè уште не бил доставен и дека постапката останува во предистражна фаза.
Обвинителството прибира и анализира докази за да утврди дали било сторено кривично дело и кои лица би можеле да бидат одговорни.
Според досегашните информации, во главниот цевковод на гостиварскиот водовод била поставена пумпа без потребното одобрение, преку која се внесувала вода од реката Вардар во системот. Директорката и дел од раководството на јавното комунално претпријатие биле суспендирани.
Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, претходно изјави дека не чувствува морална одговорност за кризата.
СДСМ, пак, побара политичка и институционална одговорност од министерот Клековски. Од партијата обвинија дека надлежните доцнеле со реакцијата и дека јавноста не била навремено информирана за размерите на здравствената криза.
Опозициската партија тврди дека институциите имале сознанија за зголемениот број пациенти и за сомнежите во безбедноста на водата, но не ги активирале навреме сите механизми за заштита. СДСМ побара да се утврди зошто епидемијата била прогласена дури по значителното зголемување на бројот на заболени.
Во Гостивар е прогласена епидемија на гастроентеритис, а водата од градскиот водовод останува забранета за пиење и подготовка на храна. Владата продолжува да доставува флаширана вода, додека комуналното претпријатие треба да го прочисти и хлорира системот.
