Гостивар се труе, институциите кријат што имало во водата

Што имало во водата што ја пиеле жителите на Гостивар сè уште не ѝ е соопштено на јавноста, иако лабораториските анализи се завршени и доставени до Јавното обвинителство. Додека институциите молчат, повеќе од 3.100 граѓани побарале лекарска помош.

Министерот за здравство Сашо Клековски потврди дека Министерството ги има резултатите, но рече дека тие нема да бидат објавени без согласност од Обвинителството.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, исто така потврди дека испитувањата на четирите мостри се завршени и предадени. Што точно покажале анализите не беше откриено.

Резултатите не ги добиле ниту лекарите во гостиварската болница, иако секојдневно лекуваат стотици пациенти со повраќање, болки во стомакот и дијареја. Според здравствените работници, познавањето на причинителот е важно за следење на епидемијата и за соодветниот третман.

Во последните 24 часа во болницата се пријавиле околу 300 пациенти. На Инфективното одделение биле прегледани 167 лица, а на Педијатрија околу 104 деца. Едно дете било задржано на болничко лекување.

Институциите тврдат дека се земаат дополнителни примероци од водоводната мрежа и од домовите на пациентите. Се спроведуваат и епидемиолошки анкети за да се утврди дали заболувањата се директно поврзани со водата или со друг извор.

Претходно, инспектори утврдија дека на главниот водоводен цевковод била поставена пумпа без потребното одобрение, преку која во системот се внесувала вода од реката Вардар. Од ЈП „Комуналец“, пак, тврдеа дека нивните анализи покажале оти водата е исправна.

Во Гостивар и натаму е прогласена епидемија на гастроентеритис, а водата од градскиот водовод останува забранета за пиење и подготовка на храна.

Најчитано