Времето во Халкидики викендов ќе се стабилизира по силните дождови, грмежи и налети на ветер што денеска ја зафатија северна Грција. Попладнево во делови од полуостровот сè уште има слаб дожд и температура околу 22 степени, но прогнозите најавуваат постепено смирување во текот на ноќта.
Халкидики е под портокалово предупредување за силни врнежи и грмежи до полноќ. Грчката метеоролошка служба предупредува дека локално може да наврнат меѓу 30 и 50 литри дожд на квадратен метар за 12 часа, со можни силни ветрови, град и проблеми во сообраќајот. Регионот во петокот беше ставен и во режим „Red Code“, со целосна мобилизација на службите.
Во сабота наутро сè уште се можни повеќе облаци и засилен северозападен ветер, но по девет часот се очекува расчистување. Прогнозата за Касандра покажува претежно сончево време, температура до 28 степени и ветер од околу четири бофори. Грчката Цивилна заштита очекува посилните бури да се преместат кон Спорадите и северниот и североисточниот дел на Егејското Море.
Неделата ќе биде постабилна и потопла. За Халкидики се прогнозира сончево време, со максимална температура меѓу 29 и 30 степени и без позначителни врнежи. Според сегашните метеоролошки модели, недела изгледа како посигурниот ден за плажа и активности на отворено.
Туристите што се веќе во Халкидики треба да бидат внимателни до целосното повлекување на грмежите, особено на плажите и во близина на морето. Грчките служби предупредуваат дека силните летни бури може да донесат ненадејни налети на ветер, молњи и краткотрајни поплави.
