Оваа германска компанија оди во стечај: Нејзините батерии ги купувавме сите

Познатата германска компанија оди во стечај по повеќегодишната борба со долговите, послабата побарувачка и губењето на клучен клиент. „Варта“, чии батерии со децении беа дел од речиси секое домаќинство, поднесе четири барања за отворање стечајна постапка со самостојно управување пред судот во Штутгарт.

Постапката не значи дека производството веднаш запира или дека батериите „Варта“ ќе исчезнат од продавниците. Компанијата соопшти дека барањето не е поднесено поради непосредна неможност да ги плаќа тековните обврски, туку како обид да се обезбеди продолжување на дел од бизнисот и ново финансиско преструктурирање.

Со барањата се опфатени матичната „Варта АГ“ и компаниите „Варта микро-батери“, „Варта микро продукција“ и „Варта сториџ“. Профитабилниот бизнис со класични батерии за домаќинствата, кои се користат во далечински управувачи, играчки и електронски уреди, не е опфатен со актуелната стечајна постапка.

Токму овој дел од компанијата сега може да биде издвоен и преземен од група доверители, меѓу кои е и „Дојче банк“. За останатите делови, вклучувајќи ги микро-батериите, батериите за слушни апарати и системите за складирање енергија, се бараат нови сопственици и инвеститори.

Последниот тежок удар за „Варта“ било губењето на „Епл“ како клучен клиент. Американската компанија одлучила батериите „CoinPower“, кои се користат во безжичните слушалки „AirPods“, во иднина да ги набавува од Кина. Поради тоа, „Варта“ веќе најави затворање на фабриката во Нердлинген и укинување на околу 350 работни места.

Од компанијата како причини за кризата ги наведуваат слабата побарувачка, неповолните девизни движења и влошените услови на пазарот. Дополнителното финансирање не го обезбедиле ниту главните сопственици – производителот на спортски автомобили „Порше“ и австрискиот инвеститор Михаел Тојнер.

„Варта“ има историја долга речиси 140 години и вработува околу 3.200 луѓе. Компанијата веќе помина низ големо преструктурирање во 2024 година, но финансиската дупка повторно се проширила, па сега е отворена можноста германската батериска икона да биде поделена на повеќе одделни бизниси.

Најчитано