Попладнево е намален притисокот на Граничниот премин „Богородица“, каде за излез од Македонија се чека околу 20 минути, покажува извештајот на АМСМ објавен во 12 часот.
Состојбата е значително подобрена во споредба со утринските часови, кога патниците кон Грција чекаа околу два часа. Утринава на „Табановце“ за влез во земјата се чекаше околу 30 минути.
На северната граница попладнево има поголемо задржување. На „Табановце“ за влез во Македонија се чека околу еден час, додека на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но фреквенцијата надвор од градските средини останува зголемена поради летните патувања. АМСМ предупредува на можни одрони на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сабота до 18 часот важи забраната за движење тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони на државните патишта. На патот Скопје – Охрид посебниот летен режим за возила потешки од 7,5 тони повторно ќе важи од 18 до 24 часот.
