Опозициската СДСМ обвини дека најавата на премиерот Христијан Мицкоски за воспоставување бесплатна телефонска линија за пријавување корупција е преземена од слична кампања што во моментов се спроведува во Србија.
На прес-конференција, Кети Штерјова изјави дека Владата „копира“ мерки од соседната земја, оценувајќи дека станува збор за „copy-paste“ политика со неколкудневно задоцнување.
„Мицкоски вчера ги повика граѓаните да пријавуваат корупција и најави бесплатна линија. Ова е директна копија на кампањата што токму сега се води во Србија“, рече Штерјова.
Таа додаде дека, според СДСМ, во Македонија веќе постои веб-страница на која граѓаните можат да пријавуваат случаи, алудирајќи на порталот Micko.mk, и тврдеше дека на него веќе се поднесени бројни пријави против премиерот и неговите соработници.
Од СДСМ упатија и критики за состојбите во правосудството, тврдејќи дека постои политичко влијание врз обвинителството и судството. Партијата, повикувајќи се на извештаите на Европската комисија, оцени дека тие укажуваат на недостаток на реформи, широко распространета корупција и проблеми во јавните набавки.
Во продолжение на прес-конференцијата, Штерјова изнесе и обвинувања дека во земјава се зголемува влијанието на медиуми поврзани со Србија и Унгарија, оценувајќи дека тоа води кон поголема концентрација на медиумската моќ.
Штерјова истакна дека доаѓа и медиумскиот мрак, по истиот рецепт.
„Групата „Ало“, поврзана со „Информер“ и другите провладини медиуми од Србија, пристигнува во Скопје. По веќе воспоставената медиумска мрежа на над 40 % од Орбановите медиуми, сега следува уште поголема концентрација на медиумско влијание. Тандемот Латас – Ивона Талевска е задолжен да го изгаси медиумското светло во име и за сметка на Мицкоски“, нагласи Кети Штерјова на прес конференцијата.
