СДСМ обвини дека министерот за здравство Сашо Клековски сега признава појава на жолтица во Гостивар, за што, како што наведуваат од партијата, претседателот на СДСМ Венко Филипче предупредил уште минатата недела.
Од СДСМ посочуваат дека Клековски изјавил оти акутната фаза на епидемијата во Гостивар постепено се смирува, а фокусот сега ќе биде ставен на навремено откривање на хепатит А и Е. Според опозициската партија, ова ја потврдува нивната оценка дека институциите задоцниле со реакцијата.
„Претходно самиот призна дека алармот им се вклучил доцна, дека ‘црвените светла’ закасниле. Тоа значи дека никој од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ не контролирал ништо“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Партијата тврди дека Филипче навреме предупредувал оти може да се појават дополнителни здравствени последици и дека надлежните институции не знаеле да управуваат со кризата во Гостивар.
Од СДСМ упатија критики и кон Клековски, обвинувајќи го дека нема доволно знаење и стручност за справување со ваква состојба. Според нив, институциите најнапред дозволиле ситуацијата да ескалира, потоа ги криеле податоците и ја префрлале одговорноста поради политички интереси.
„Кај нив гласовите секогаш се поважни од животот и здравјето на луѓето“, се наведува во соопштението, во кое СДСМ дополнително ја обвинува власта дека се грижи за тендери, а не за граѓаните.
