СДСМ: Сведоци сме на системско труење на државата

СДСМ

Опозициската СДСМ денеска обвини дека проблемот со загадената вода за пиење се проширува во повеќе делови од државата и побара институциите да обезбедат целосна транспарентност за квалитетот на водата и да утврдат одговорност за случаите што ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

Од партијата посочија дека, покрај случаите во Гостивар, Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Преглово и Маврово, сега има информации и за неисправна вода во Башино Село, како и на изворите во Елшани и Велестово кај Охрид.

„Изгледа дека во Македонија веќе нема чисто место. На ВМРО и на Мицкоски повеќе им е важен рејтингот отколку здравјето на граѓаните“, наведуваат од СДСМ.

Партијата ја критикува Владата дека, како што тврди, наместо координиран институционален одговор, јавноста добива различни пораки од надлежните функционери. Во соопштението се наведува дека премиерот Христијан Мицкоски зборува за „нови бактерии“ во Гостивар, додека министерот за здравство Сашо Клековски најавува дека до крајот на неделата водата ќе може повторно да се користи за пиење.

СДСМ повторно побара Владата да објави кој ја донел одлуката за користење на техничката вода во Гостивар и да ги објави сите анализи и документација поврзани со случајот.

„Нема анализи. Нема одговорно лице. Нема име и презиме. Само лаги, измами и префрлање одговорност. Ова повеќе не е криза со вода. Ова е системско труење на државата“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Од партијата бараат надлежните институции да ја информираат јавноста за состојбата со квалитетот на водата во сите општини каде што има сомнежи за загадување и да утврдат одговорност за пропустите.

„Кој знае колку уште општини и градови се загадени, а ние сè уште не знаеме? Министерот за полиција Тошковски се занимава со хиперхлорирање како да работи во водовод. Мицкоски ветува едно. Клековски не презема одговорност“, се нагласува во денешното соопштение на СДСМ.

Епидемија на жолтица е во тек. Сè уште нема одговорни.

Најчитано