ЈП Паркинзи на Општина Центар отвори нова канцеларија за грижа за корисници

ЈП Паркинзи

ЈП Паркинзи на Општина Центар официјално ја отвори новата канцеларија за грижа за корисници, современ простор наменет за побрза, поквалитетна и поефикасна услуга за сите корисници на претпријатието.

Во рамки на инвестицијата е изведен целосно нов и модерен ентериер, воведен е современ административен систем за управување со редот на чекање преку автоматско издавање бројчиња, набавени се нови специјализирани скенери за обработка и дигитализација на документацијата и нова информатичка опрема, а инсталирани се и системи за видео надзор и алармна заштита.

„Денес не отвораме само нова канцеларија – отвораме нов начин на комуникација со нашите корисници. Тука ќе доаѓаат граѓаните кога им е потребна информација, кога склучуваат договори, поднесуваат барања или кога им е потребна поддршка за прашања поврзани со работењето на претпријатието. Со оваа инвестиција воспоставуваме повисок стандард во односот кон корисниците. Современата опрема и новите административни решенија ќе овозможат побрза и поефикасна услуга, поедноставни работни процеси и подобро корисничко искуство. Инвестираме во современи услови затоа што веруваме дека зад секоја добра јавна услуга стои добро организиран систем и професионален однос кон секој корисник“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.

На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој истакна дека модерните јавни услуги започнуваат со квалитетен однос кон граѓаните.

„Отворањето на новата канцеларија за грижа за корисници е директно вложување во подобра и подостапна услуга за граѓаните. Корисниците отсега на едно место ќе можат побрзо и поедноставно да ги завршат своите обврски и да ја добијат потребната поддршка. Го поздравувам вложувањето на ЈП Паркинзи на Општина Центар во модернизација на условите и работните процеси, бидејќи токму преку вакви конкретни чекори се гради довербата и се унапредува квалитетот на јавните услуги“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Новата канцеларија е целосно реализирана со сопствени средства на ЈП Паркинзи на Општина Центар и претставува дел од континуираниот процес на модернизација на претпријатието. Со нејзиното отворање се создаваат подобри услови за прием и услужување на корисниците, како и поорганизирани и поефикасни административни процеси.

Најчитано