На Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска беа промовирани 53 нови офицери, кои ги добија чиновите потпоручник и поручник.
Меѓу промовираните се 36 питомци од Воената академија, еден питомец кој го завршил образованието на американската Воена академија „Вест Поинт“ и 16 слушатели на шестиот курс за стручно оспособување и усовршување на офицери.
На свеченоста се обрати министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој им порача на новите офицери дека во својата професионална кариера ќе соработуваат со колегите од земјите членки на НАТО и ќе учествуваат во заеднички обуки, вежби, операции и мисии.
Мисајловски истакна дека офицерската должност подразбира чесност, интегритет, одговорност и подготвеност за носење тешки одлуки. Според него, силата на Армијата не произлегува само од современото вооружување, туку и од професионалноста и подготвеноста на нејзиниот кадар.
Со денешната промоција, новите потпоручници и поручници официјално го започнуваат својот професионален ангажман во одбранбениот систем.
