Домаќинствата во Македонија би можеле да добијат повеќе часови евтина електрична енергија, а во игра е и укинување или темелна промена на сегашните блок-тарифи. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) потврдува дека ги анализира сите можни сценарија, додека Здружението на инженери на Македонија смета дека веќе нема причина да се одложува донесувањето на нов тарифен систем.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, изјави дека Комисијата во моментов спроведува симулации, собира податоци од домашниот електроенергетски систем и од земјите во регионот, по што ќе се одлучува дали ќе се менуваат тарифните блокови, дали ќе се прошири евтината тарифа и дали ќе има корекции на регулираните надоместоци за пренос и дистрибуција на електричната енергија.
Според најавите, енергетските компании имаат рок до 30 септември да ги достават своите пресметки и барања, по што ќе следуваат детални анализи. Конечната одлука се очекува во декември, а евентуалниот нов тарифен систем би почнал да се применува од 1 јануари 2027 година.
Во фокусот на анализите е можноста евтината дневна тарифа да се прошири во периодот меѓу 11 и 15 часот, кога поради големото производство од фотоволтаичните централи на регионалните берзи често има најниски цени на електричната енергија. Се разгледува и можноста пониската тарифа да биде достапна и во сабота, како и преиспитување на постојните блокови воведени за време на енергетската криза во 2022 година, кои според РКЕ можеби повеќе не одговараат на денешните пазарни услови.
Во меѓувреме, Здружението на инженери на Македонија бара Регулаторната комисија без одлагање да донесе нов тарифен систем. Оттаму потсетуваат дека уште во февруари предложиле евтината тарифа да се усогласи со часовите кога струјата на берзите е најевтина, наместо да остане фиксирана според старите модели на потрошувачка.
Според нивниот предлог, во летниот период домаќинствата би имале вкупно 115 часа евтина струја неделно – во ноќните часови, но и во текот на денот, кога цените на електричната енергија се најниски. Во зимски услови се предлага евтината тарифа да трае 101 час неделно, со различен распоред поради поинаквите услови на производство и потрошувачка.
Инженерите предупредуваат дека законскиот рок за донесување на новиот тарифен систем веќе е пробиен за неколку месеци. Според нив, ако и самата РКЕ признава дека во часовите околу пладне има вишоци на електрична енергија и ниски берзански цени, тогаш нема оправдување граѓаните и натаму да не ги користат тие поволности преку подолги периоди на евтина тарифа.
Од РКЕ, сепак, засега не сакаат да прејудицираат дали блоковите ќе бидат целосно укинати или само изменети. Пораката од Комисијата е дека сите опции остануваат отворени сè додека не завршат анализите и не бидат обработени податоците од енергетските компании.
Доколку најавените измени бидат усвоени, тие би можеле да претставуваат најголема промена на тарифниот систем за домаќинствата од воведувањето на блок-тарифите пред четири години, со цел цената што граѓаните ја плаќаат повеќе да се усогласи со реалните движења на европските пазари на електрична енергија.
