Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Македонија може да биде посилна само доколку ги надмине внатрешните поделби и изгради национално помирување, повикувајќи на единствен настап по прашањата од национален интерес.
Во обраќањето по повод Денот на Републиката – Илинден, таа ја истакна историската улога на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, оценувајќи дека неговата подготвеност за помирување со политичките неистомисленици, доколку тие застанат зад македонските национални интереси, е пример што и денес заслужува внимание.
„Државата јакнее преку националното помирување. На Ченто му замерувале поради неговата подготвеност да се помири со довчерашните неистомисленици, под услов да застанат на истата, македонската линија. Ако сакаме нашата држава да биде пристојно место за живеење, мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес. Тоа ни е потребно повеќе од кога било порано“, истакна претседателката.
Сиљановска-Давкова оцени дека историското наследство на Илинден и АСНОМ не треба да биде само повод за одбележување, туку и обврска за градење демократска, правна и стабилна држава во која јавниот интерес ќе биде над партиските и политичките поделби.
„Обраќајќи се на Третото заседание на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто рекол: „Служејќи за доброто на нашиот народ, ние служиме за доброто на државата. Това което народот ни го е дал ние треба да го оствариме за вечни времиња. Само така можеме да одиме напред во прогрес…“. Неговите зборови се моја и ваша должност“, нагласи претседателката во своето обраќање.
Според претседателката, во време на сериозни домашни и меѓународни предизвици, националното единство околу клучните државни прашања е предуслов за заштита на македонските национални интереси и за создавање подобра иднина за граѓаните.
