МЗ: Состојбата во Гостивар е стабилна – нема нови потврдени случаи на западнонилска треска

Гостивар

Состојбата во Гостивар е стабилна – нема нови лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска, се потенцира во соопштението на Министерството за здравство.

Во текот на 1 август се регистрирани вкупно 57 први прегледи, што е за три помалку во споредба со претходниот ден, кога беа евидентирани 60 прегледи. Нема нови хоспитализации, се вели во информацијата на социјалните мрежи.

Заклучно со 1 август, регистрирани се вкупно 1.041 формална пријава за заразна болест и изработени се 734 нови епидемиолошки анкети.

Во објавата се вели дека во однос на западнонилската треска, до Институтот за јавно здравје не се пријавени нови лабораториски потврдени случаи.

Министерството за здравство, во координација со Институтот за јавно здравје и другите надлежни установи, продолжува внимателно да ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија, соопштуваат од институцијата.

Најчитано