Тендер-патриотите сакаат на сила да се вметнат во историјата! Христијан Мицкоски и ВМРО-ОКГ повторно се обидуваат да се вметнат во историјата каде што не припаѓаат. ВМРО-ДПМНЕ (денес ОКГ) нема никаква организациска, идејна ниту кадровска врска со АСНОМ.
Ова се истакнува во реакцијата на СДСМ, која го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека во своето обраќање по повод Денот на Републиката – Илинден го злоупотребил државниот празник за политички пресметки и дека, како што наведува партијата, се обидува да создаде историски континуитет меѓу ВМРО-ДПМНЕ и АСНОМ.
Во соопштението, СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ „нема организациска, идејна ниту кадровска врска со АСНОМ“, оценувајќи дека партијата неосновано се повикува на антифашистичкото наследство.
„СДСМ е политички наследник на АСНОМ и на антифашистичката борба. Тоа никој не може да го промени“, се наведува во реакцијата.
Од опозициската партија го обвинуваат Мицкоски дека Илинден го искористил за напади врз политичките неистомисленици наместо за испраќање пораки за единство и државно заедништво.
Во реакцијата, СДСМ упатува и низа критики за работата на Владата, обвинувајќи ја за изолација на државата, блокирање на европската интеграција, корупција и економско осиромашување на граѓаните.
Партијата ги отфрла и пораките од говорот на Мицкоски за борба против омразата и поделбите, тврдејќи дека токму премиерот, според нив, придонел за политичката поларизација во земјата.
СДСМ оценува дека, како што наведува во соопштението, „доаѓа времето на вистината и правдата“, кога, според партијата, актуелните носители на власта ќе одговараат за своето работење.
