Киро Глигоров денес речиси без исклучок се споменува како првиот претседател на независна Македонија, човекот кој ја водеше државата низ осамостојувањето и меѓународното признавање, без да ја загрози безбедноста. Но односот на сите македонски партии кон него не беше идентичен и не беше постојан. Низ годините Глигоров беше и оспоруван, и навредуван, и политички присвојуван, а подоцна неговото име почна да се појавува на булевари, училишта, спомен-соби и институционални чествувања.
Историјата на односот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кон Глигоров е посложена од денешните партиски интерпретации. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ доминираа моменти на остар судир, блокади па дури и деградации и понижувања кон работат на Глигоров, а СДСМ вообичаено предничеше во оддавањето почит и признанија.
Изборот на Глигоров за прв претседател во 1991 година почнал со политичко несогласување. На првото тајно гласање на 19 јануари тој не го добил потребното двотретинско мнозинство. Истражувањата за првиот повеќепартиски парламент покажуваат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тогаш гласале против неговиот избор, а ПДП бил воздржан. По дополнителен политички договор, ВМРО-ДПМНЕ ја сменило позицијата и на 27 јануари Глигоров бил избран со убедливи 114 гласа од 119 присутни пратеници.

Тоа е важен детал, бидејќи покажува дека односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Глигоров уште од почетокот не бил едноставен. Партијата прво го блокирала неговиот избор, а потоа го поддржала како дел од политичкиот договор за формирање на институциите на новата држава.
Во годините што следувале разликите станале многу подлабоки. За ВМРО-ДПМНЕ, Глигоров долго време бил претставник на старата југословенска политичка елита и политички противник на нивната визија за Македонија. Во собраниските расправи од почетокот на деведесеттите може да се најдат жестоки критики кон неговите политики, особено за начинот на кој се формирала власта и за меѓународната политика на младата држава.
На претседателските избори во 1994 година поделбата веќе била јасна. Глигоров бил кандидат на коалицијата „Сојуз за Македонија“, предводена од СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ го кандидирало режисерот Љубиша Георгиевски. Глигоров победил уште во првиот круг со 715.087 гласа.
Во политичката меморија од деведесеттите остана и еден од најгрдите инциденти кон првиот претседател. За време на прослава на Илинден на Мечкин Камен, Глигоров бил исплукан од жена од публиката, Сребра Тодевска. Инцидентот подоцна често се споменуваше како симбол на длабоката поделба во која Мечкин Камен стануваше место каде политичките противници беа прогласувани за патриоти или предавници.

Иако самиот чин на плукање не е официјална акција на ВМРО-ДПМНЕ, туку постапка на поединец, веројатно нивна активистка, сепак во јавната меморија инцидентот остана силно поврзан со тогашниот политички антагонизам кон Глигоров и со фактот дека прославите на Мечкин Камен со години беа простор во кој доминираше националистичка и силно партизирана реторика. Радио Слободна Европа подоцна токму плукањето на Глигоров го наведуваше како еден од првите примери за партиското монополизирање на Илинден.
По неговата смрт на 1 јануари 2012 година, старата поделба повторно излезе на површина.
СДСМ во април 2012 година предложи да се воведе државна награда „Киро Глигоров“, која би се доделувала на 8 Септември за придонес кон независноста, мултиетничноста, демократијата и меѓународната афирмација на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да ја поддржи иницијативата. Образложението на партијата било дека треба да помине поголема временска дистанца за идните генерации и историчарите да ја оценат улогата на Глигоров. Во јули истата година парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го отфрли предлогот и тој не стигна до второ читање.
Но токму 2012 година покажува дека односот на ВМРО-ДПМНЕ кон Глигоров не може да се сведе само на одбивањето на наградата.
На 14 јуни 2012 година, само неколку недели пред собраниската расправа за наградата, Советот на Град Скопје донел одлука дотогашниот булевар „Војводина“ да го носи името „Киро Глигоров“. Одлуката била донесена во време кога градоначалник на Скопје беше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, а мнозинството во Советот го сочинувале ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Така се создала необична политичка ситуација. Истата година во која владејачкото мнозинство сметало дека е рано државна награда да го носи името на Глигоров, градската власт предводена од истата политичка структура именувала еден од поголемите скопски булевари по него. Остана нејасно дали сакале да компензираат или не биле до крај координирани.

Кај СДСМ, пак, политичката идентификација со Глигоров била многу поизразена уште од деведесеттите. Тој беше кандидат на коалицијата предводена од СДСМ во 1994 година, а по неговата смрт партијата во повеќе наврати иницираше негово институционално чествување.
Најјасен пример е токму иницијатива за државната награда од 2012 година.
Следниот поголем чекор дојде во неговиот роден Штип. По локалните избори во 2017 година, новиот градоначалник Благој Бочварски од СДСМ иницираше создавање спомен-соба за Глигоров. Во декември 2017 година Општината постхумно му го додели и орденот „Свети Никола“, а во почетокот на 2018 година беше донесена одлука Општинскиот мултимедијален центар да го носи неговото име.
Во јули 2018 година во центарот беше отворена и спомен-собата на Глигоров. Во неа се изложени негови документи, фотографии, ордени, лични предмети, работното биро, како и клавирот на неговата сопруга Нада. На отворањето присуствуваше и тогашниот премиер Зоран Заев.
Дополнително, во мај 2017 година, кога во Советот на Штип мнозинството го имаше ВМРО-ДПМНЕ, градот организирал одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Глигоров на кое присуствувале претставници и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Значи, штипјаните од ВМРО-ДПМНЕ во тоа време сепак нашле начин да го надминат партиското и да го уважат сограѓанинот Глигоров.
Во 2019 година името на Глигоров го доби и новото основно училиште во Капиштец. Советот на Општина Центар го усвои името откако „Киро Глигоров“ добил најмногу гласови на јавната анкета што ја организирала Општината. Училиштето почна со работа во септември 2019 година.

И тука треба да се направи разлика меѓу изградбата и именувањето. Училиштето почнало да се гради во 2016 година, во мандатот на Жерновски, а подоцна при мандатот на Богдановиќ старо-новата локална власт го доврши проектот и по јавната анкета му го даде името на првиот претседател.
Во 2024 година во дворот на училиштето беше поставена и биста на Глигоров. Ја откри градоначалникот Горан Герасимовски, исто така од СДСМ, а на церемонијата присуствуваше и лидерот на партијата Венко Филипче.
Меѓу овие партиски чествувања има и една можеби поважна линија, институционалното враќање на Глигоров во националната меморија.
На 16 мај 2017 година, по повод 100 години од неговото раѓање, Македонската академија на науките и уметностите и Дипломатскиот клуб организираа научна конференција за неговата улога во меѓународното етаблирање на Македонија. Од трудовите на конференцијата во 2018 година беше објавен зборникот „За и од Киро Глигоров“.
На промоцијата во МАНУ, тогашниот претседател на Академијата Таки Фити оцени дека придонесот на Глигоров во градењето на независноста и меѓународното етаблирање на Македонија е неспорен.
Тоа можеби најдобро ја покажува промената што се случила во изминатите три децении.
Во деведесеттите Глигоров беше една од фигурите преку кои се водеше главната идеолошка битка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За едните беше државникот кој ја извел Македонија од Југославија без војна и ја внел во Обединетите нации. За дел од другите беше претставник на стариот комунистички систем и политичар чии одлуки допрва треба да ги оцени историјата.
Неколку децении подоцна таа дистанца очигледно е многу помала.
СДСМ остана политички поблиску до наследството на Глигоров и почесто го користеше неговото дело како дел од сопствениот политички и историски континуитет. Но и ВМРО-ДПМНЕ, од партија чии пратеници во 1991 првично гласаа против неговиот избор и која во 2012 не сакаше државна награда со неговото име, стигна до тоа под нејзина градска власт булевар да биде именуван по Глигоров, а денес да го става Глигоров како ударен лик во спотовите за одбележувањето на 35 години независност.
Сегашноста и иднината имаат и ќе имаат доволно историски фаткгорафски записи да ценат кој, колку и при какви околности го почитувал и уважувал Глигоров.
Човекот кој на Мечкин Камен беше исплукан, за кого во Собранието се тврдеше дека е потребно уште време за историјата да го оцени и за кој ВМРО-ДПМНЕ одби да додели државна награда, денес има булевар во Скопје, училиште, спомен-биста, мултимедијален центар и спомен-соба во родниот Штип, научни трудови и зборник во МАНУ.
Можеби токму тоа е и најдобриот потсетник за односот на македонската политика кон сопствената историја. Она за што партиите жестоко се караат додека е живо и политички чувствително, со текот на времето често станува дел од заедничката државна меморија.
