По речиси еден месец неизвесност, жителите на Гостивар повторно можат да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна. Одлуката ја соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, по седница на Главниот штаб за управување со кризи.
„Од денеска водата во Гостивар е безбедна за пиење“, соопшти Ангелов на прес-конференција, по разгледувањето на најновите резултати и информации за квалитетот на водата во водоснабдителниот систем.
Во изминатите денови локалниот кризен штаб веќе информираше дека микробиолошките анализи покажуваат поволни резултати и дека нивото на хлор се вратило во дозволените граници, но конечната одлука за повлекување на забраната се чекаше од централните институции.
Забраната остави Гостивар без вода за пиење речиси еден месец и создаде сериозни проблеми за домаќинствата, угостителските објекти и другите корисници на градскиот водовод. Дел од граѓаните во меѓувреме јавно говореа и за изгубена доверба во институциите поради различните информации што ги добиваа за исправноста на водата.
Случајот стана и политичка тема, со меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за причините за проблемот, начинот на кој бил контролиран водоводниот систем и реакцијата на здравствените институции.
Со денешната одлука, забраната за користење на водата за пиење престанува, а гостиварци по неколкунеделниот период повторно можат да ја користат водата од чешма без претходните ограничувања.
