Обвинителството ја запре истрагата против вработениот во Народната банка кој беше осомничен дека требало да помогне во сокривањето на пиштолот поврзан со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов. Причината е што по извршените проверки не биле обезбедени докази дека осомничениот го сторил кривичното дело за кое се водела постапката.
Станува збор за лице со иницијали З.Д., кое во судската постапка го спомена Велибор Манев. Во завршниот збор Манев тврдеше дека Љупчо Палевски – Палчо, додека бил во бегство, му кажал да стапи во контакт со човек вработен во Народната банка и член на партијата „Десна“, кому требало да му биде пренесена порака да го отстрани и уништи „пакетот“. Според Манев, под „пакет“ се подразбирал ранецот со оружјето.
По овие тврдења беше отворена истрага за кривично дело „помагање на сторител по извршено кривично дело“. Во рамките на постапката биле извршени и претреси.
Сепак, Обвинителството сега соопшти дека собраните докази не ги потврдиле сомневањата.
„По извршените проверки, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка бидејќи не се обезбедија докази дека пријавениот го сторил наведеното кривично дело“, соопшти Обвинителството.
Со ова, против вработениот во Народната банка нема да биде поднесено обвинение во овој предмет. Тврдењето дека тој бил вклучен во сокривањето на оружјето останало непотврдено со докази во истрагата.
Случајот со оружјето беше едно од прашањата што се отворија во текот на судењето за двојното убиство, особено откако Манев јавно проговори за наводната комуникација со Палевски и за лицето на кое требало да му биде предадена пораката.
