Што зборуваше Николоски во јануари, а што сега, зошто се дистанцира од превозниците?

Александар Николоски денес се дистанцира од протестите како средство за притисок на превозниците, само седум месеци откако лично отиде на граничниот премин Блаце, им даде поддршка на блокадите и ги оцени како навремено предупредување до Европската Унија. Проблемот поради кој превозниците протестираа во јануари сè уште нема трајно европско решение, но реториката на вицепремиерот и министер за транспорт во меѓувреме значително се промени.

На 14 август Николоски порача дека не мисли оти протестите се решение и дека поконструктивно е да се бараат други начини за надминување на проблемот. Владата, според него, сега се обидува да обезбеди решение преку билатерални договори со државите низ кои македонските превозници најчесто транзитираат или во кои работат. Тој посочи дека такви аранжмани веќе има со Хрватска, Швајцарија и Романија, а разговори се очекуваат или се водат со Австрија, Унгарија, Германија и Словенија.

Но, во јануари Николоски зборуваше поинаку и за протестите и за регионалното здружување на превозниците.

На 21 јануари, неколку дена пред блокадите, Рацин.мк објави дека Владата бара македонските и регионалните превозници да бидат изземени од ограничувањата што со електронското следење стануваат многу построго применливи. Николоски тогаш оцени дека револтот на транспортерите е разбирлив, а проблемот го претстави како закана не само за македонската економија, туку и за целиот регион.

Пет дена подоцна, на 26 јануари, Николоски лично се појави на Блаце, каде што превозниците од Македонија учествуваа во координирани блокади заедно со колегите од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Тогаш не зборуваше за непотребна колективизација на проблемот. Напротив, ја даде својата и поддршката на Владата за протестот и порача дека блокадата е навремена, бидејќи треба да послужи како предупредување и да остави простор земјите од Шенген зоната да изнајдат решение. МИА тогаш објави дека Николоски им дал целосна поддршка на транспортерите.

Николоски во јануари наведуваше и три можни излези, одложување на примената на електронската евиденција за превозниците, зголемување на дозволениот престој и посебен третман на професионалните возачи, со можност за работни визи. Во аргументацијата постојано ја нагласуваше регионалната и европската економска поврзаност, предупредувајќи дека проблемите со транспортот би имале последици врз извозот, странските компании и синџирите за снабдување.

Сега таа регионална компонента во неговиот настап добива сосема поинаков третман.

Николоски на 14 август рече дека Македонија треба да има индивидуален пристап, како засебна и суверена држава, и предупреди дека земјата не треба да влегува во, како што рече, колективизација на проблемите. Истовремено изрази сомневање дека дел од притисокот за нови блокади доаѓа од соседна земја поради политички мотиви. Во изјавата не ја именуваше државата ниту понуди конкретни докази со кои би ја поткрепил таквата оценка.

Токму тука промената во позицијата станува поизразена. Во јануари регионалното дејствување беше дел од притисокот што Николоски јавно го поддржуваше. Во август регионалната координација веќе ја третира како потенцијална политичка замка, а протестот како крајна форма што не ја смета за решение.

Во меѓувреме, суштинскиот проблем на превозниците остана отворен. Европските правила предвидуваат престој до 90 дена во период од 180 дена, а професионалните возачи предупредуваат дека начинот на евидентирање сериозно го ограничува нивното работење. Европската комисија во јануари ја усвои првата Визна стратегија на Европската Унија, но режимот од 90 дена во период од 180 дена останува основното правило за краток престој.

Рацин.мк уште во февруари пишуваше дека по прекинот на јануарските блокади не беше добиено трајно изземање за професионалните возачи и дека очекувањата создадени околу европските најави не се претворија во системско решение.

Превозниците сега повторно се пред истото прашање. На регионалната средба во Скопје на 11 август здруженијата од Западен Балкан договорија да го почекаат состанокот со претставници на Европската комисија закажан за 1 септември. Тие нагласија дека не сакаат нови протести, но ако не биде понудено прифатливо решение, блокадите повторно остануваат опција.

Разликата е што овојпат Николоски не стои на Блаце покрај превозниците и не ја нарекува блокадата навремено предупредување. Владината линија сега е насочена кон билатерални договори, додека превозниците сè уште го чекаат 1 септември и одговорот од Брисел.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?