Хрватската писателка, новинарка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 76-годишна возраст, по долга борба со рак. Веста ја потврдиле извори блиски до неа, а утрово на нејзиниот официјален профил беше објавена кратка порака: „Ведрана отиде на подрачје без сигнал“.
Токму тие зборови Рудан претходно ги употреби кога зборуваше за сопствената смрт. Во едно од своите последни телевизиски гостувања рече дека сака луѓето кои ги сака нејзиното заминување да го сфатат како „одење на подрачје без сигнал“. На профилот утрово беше поставена и насловна фотографија со пораката „No Signal“.
Рудан беше родена на 29 октомври 1949 година во Опатија, а студирала хрватски и германски јазик во Риека. Работеше како учителка, туристички водич, преведувачка, радио-новинарка и колумнистка, но најголемата препознатливост ја стекна со своите книги и со директниот, остар и често провокативен начин на кој пишуваше за семејството, жените, политиката, општеството и секојдневниот живот.
Пошироката книжевна публика ја запозна со романот „Уво, грло, нож“ во 2002 година. Следуваа „Љубов на последен поглед“, „Јас, неверничка“, „Црнци во Фиренца“, „Да даде Господ мајка да те роди“, „Костури од округот Медисон“, „Зошто пцујам“ и повеќе други дела. Нејзини книги беа преведувани и на македонски јазик, меѓу нив и „Да даде Господ мајка да те роди“, објавена од „Блесок“ во 2014 година во превод на Игор Исаковски.
Во април 2024 година и бил дијагностициран редок карцином на жолчните канали. За болеста, операциите, терапиите, болката и стравот од смртта продолжи да пишува со истата сурова отвореност со која ја градеше целата кариера. Последните текстови ги објавуваше под насловот „Девојка во прегратка на метастазите“.
Во март годинава лекарите од Клиничкиот болнички центар во Риека објавија дека Рудан била првата пациентка кај која била применета хипербарична оксигенотерапија за лекување тешки компликации настанати по третманот на туморот. Терапијата тогаш и донела значително олеснување, но нејзината борба со основната болест продолжила.
Дури и кога состојбата и се влошуваше, Рудан не престана да пишува. Во последните месеци отворено зборуваше за сопственото умирање, за семејството и за малите нешта што и останувале важни. Во еден од последните разговори својата врска со пишувањето ја сумираше едноставно: „Кога пишувам, јас сум жива“.
Со нејзината смрт регионалната книжевна и медиумска сцена губи авторка која ретко оставаше простор за рамнодушност. Ја сакаа поради нејзината директност, ја критикуваа поради нејзините ставови, но речиси секогаш предизвикуваше реакција.
Последната порака, сепак, ја остави сама.
„Ведрана отиде на подрачје без сигнал“.
