Македонија во портокалова зона: Речиси целата земја под висок ризик од пожари

Речиси цела Македонија денеска е во зона со висок ризик од пожари, покажува метеоролошкиот индекс на пожар. Центарот за управување со кризи предупредува дека актуелните временски услови создаваат сериозна опасност од избувнување и брзо ширење на пожари на отворено и шумски пожари со висок интензитет.

На картата најголем дел од земјата е означен со портокалова боја. Исклучок се Шар Планина и подрачјата околу Охрид и Ресен, каде што ризикот е оценет како среден и е означен со жолта боја.

Предупредувањето доаѓа во период кога пожарникарските служби веќе се соочуваат со голем број пожари на отворено. Според утринскиот пресек на ЦУК, во изминатото деноноќие до 7:30 часот биле регистрирани 29 пожари, од кои шест сè уште биле активни, еден бил под контрола, а 22 биле изгаснати.

Активни пожари има во повеќе делови од земјата, меѓу кои Студеничани, Македонски Брод, Велес, Зелениково, Јегуновце, Сарај, Прилеп и Долнени. На дел од локациите гори мешана, дабова и габерова шума, а на други ниска вегетација и грмушки.

Особено сложена е состојбата на потегот меѓу Велес и Зелениково, каде пожарот од С’лп и Горно Село се ширел кон Карабуниште, Бузалково, Добрино и Тисовица. Таму е зафатена и квалитетна дабова шума.

Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат максимално внимателни при движење и престој во природа и воопшто да не користат оган на отворено. Во услови на суво земјиште, високи температури и исушена вегетација, дури и мала искра може за кратко време да предизвика пожар кој тешко се контролира.

Секој забележан пожар треба веднаш да се пријави на единствениот број за итни случаи 112.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?