Украински нуркач осомничен дека директно учествувал во поставувањето експлозив на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ е уапсен денеска, 19 август, во Пула, Хрватска. Германското Сојузно јавно обвинителство го сомничи Владимир З. дека бил дел од групата која во септември 2022 година со јахта стигнала до Балтичкото Море, нуркала до гасоводите кај островот Борнхолм и поставила експлозивни направи. Апсењето повторно го отвора големото прашање што Европа го поставува речиси четири години, кој ја организирал една од најголемите саботажи на европската енергетска инфраструктура?
Германското обвинителство соопшти дека Владимир З. бил уапсен од хрватската полиција врз основа на европска потерница издадена уште на 3 јуни 2024 година.
Според германските обвинители, тој е обучен нуркач и бил дел од група поврзана со Сергиј К., против кого Германија веќе покрена обвинение за истиот случај.
Истрагата тврди дека групата користела едрилица која тргнала од Росток. Јахтата била изнајмена од германска компанија преку посредници и со фалсификувани документи за идентификација.
Обвинителството тврди дека Владимир З. учествувал во нуркањата потребни за поставување на експлозивот на „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“. Експлозиите се случија на 26 септември 2022 година и сериозно ги оштетија двата гасовода.
Германските истражувачки новинари објавуваат уште подетална верзија на операцијата. Според ARD и Tagesschau, експлозивот бил поставен на длабочина од околу 80 метри, а истражителите веруваат дека биле употребени најмалку четири експлозивни направи со по 20 до 35 килограми експлозивна смеса.
Клучна трага во истрагата, според германските медиуми, бил автомобил со украински регистарски таблички кој бил снимен поради пребрзо возење на островот Риген во септември 2022 година. Фотографијата од камерата, други фотографии направени од туристи и сведочењето на возач поврзан со возилото помогнале истражителите да стигнат до осомничениот.
На јахтата „Андромеда“, која според истрагата ја користела групата, подоцна биле пронајдени траги од експлозиви што се употребуваат и за воени цели.
Особено интересен е фактот што ова не е првпат Владимир З. да биде уапсен по германска потерница.
Минатата година бил приведен во Полска, но судот во Варшава одбил да го предаде на Германија. Полскиот суд тогаш оценил дека нападот може да се разгледува во контекст на војната меѓу Украина и Русија и ја оспорил германската надлежност за случајот.
Полскиот премиер Доналд Туск во тоа време јавно порача дека не е во интерес на Полска осомничениот да биде предаден на Германија. По одлуката на судот тој бил ослободен.
Неговото појавување во Хрватска сега повторно ја активира германската потерница. Германските власти очекуваат по постапката во Хрватска тој да биде предаден и изведен пред истражен судија на Сојузниот суд на правдата.
Во Германија веќе се води постапка против уште еден Украинец.
Сергиј К., поранешен украински воен офицер, беше уапсен во Италија во 2025 година, а потоа предаден на Германија. Германското обвинителство на 30 јуни годинава поднесе обвинение против него, а истражителите го сметаат за еден од клучните луѓе во групата која ја извршила операцијата.
Експлозиите на „Северен тек“ во 2022 година оштетија три од четирите цевки на системот кој беше изграден за транспорт на руски природен гас кон Германија под Балтичкото Море.
Во првите месеци по експлозиите се појавија повеќе меѓусебно спротивставени теории за можните сторители. Русија го обвинуваше Западот и Соединетите Американски Држави, што Вашингтон го негираше, додека германската истрага со текот на времето се насочи кон група украински осомничени.
Сепак, најважното прашање сè уште нема конечен одговор.
Германските истражители сметаат дека идентификувале дел од луѓето кои физички ја спровеле операцијата, но кој ја нарачал саботажата и на кое ниво била донесена одлуката засега не е правосилно утврдено. Tagesschau наведува дека безбедносните кругови имаат свои сомневања за можниот организатор, но официјално и судски потврден нарачател на нападот сè уште нема.
