Кога милијардите не се доволна заштита: Кина го погуби поранешниот моќен бизнисмен

Кинеските власти извршија смртна казна врз поранешен висок директор на државната компанија „Чајна Хуаронг интернешнал холдингс“, откако беше прогласен за виновен за примање огромни мита. Случајот е уште еден пример за суровиот пристап на Пекинг кон корупцијата во финансискиот сектор. 

Баи Тјанхуе, поранешниот генерален директор на „Чајна Хуаронг интернешнал холдингс“, беше осуден на смрт поради примање мито во вредност од околу 1,1 милијарда јуани, односно приближно 156 милиони долари.

Според судските наоди, Баи ја злоупотребил својата позиција во периодот од 2014 до 2018 година за да им овозможи на одредени компании пристап до државни средства и поволни договори. За возврат добивал пари и други недозволени придобивки. 

Пресудата била донесена во мај 2024 година, кога судот покрај смртната казна наредил и трајно одземање на политичките права и конфискација на неговиот имот. Баи поднел жалба, но таа била одбиена во февруари 2025 година.

Конечната одлука ја потврдил Врховниот народен суд, по што било одобрено извршувањето на смртната казна. Пред егзекуцијата, на Баи му било дозволено да се сретне со членовите на семејството. 

Случајот се вклопува во пошироката антикорупциска кампања на кинеските власти, која со години ги опфаќа и највисоките функционери и раководители во државните компании.

„Хуаронг“ веќе има слична историја. Во 2021 година беше погубен Лаи Сјаомин, поранешен претседател на истата финансиска компанија, поради примање мито и други кривични дела. 

Кина смртната казна ја користи како една од најстрогите санкции за особено тешки случаи на корупција, иако ваквата практика со години е предмет на критики од организации за човекови права. Особено спорно е што Пекинг не објавува целосни официјални податоци за бројот на извршени смртни казни.

Случајот со Баи Тјанхуе повторно покажува дека во кинескиот финансиски сектор ниту високата функција, ниту пристапот до огромни суми пари не претставуваат заштита кога властите ќе одлучат да пресметаат со корупцијата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?