Македонија на Медитеранските игри „Таранто 2026“ ќе ја претставуваат 88 спортисти во 19 спортови. Тие се дел од најбројната македонска делегација досега на ова натпреварување, составена од вкупно 130 членови.
Игрите официјално ќе бидат отворени вечерва во 20 часот и ќе траат до 3 септември. Церемонијата македонската публика ќе може да ја следи во живо на МРТ 1, додека дел од натпреварите ќе се пренесуваат на МРТ 3.
Спортската програма почна уште пред свеченото отворање. Македонските одбојкарки вчера го одиграа првиот натпревар против Турција и загубија со 3:0, со што го означија почетокот на македонските настапи во Таранто.


Македонски настапи во 19 спортови
Во индивидуалните спортови Македонија ќе има претставници во атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, таеквондо, тенис, триатлон и борење во слободен стил.
Во екипните натпреварувања ќе настапат женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.
Македонските спортисти во Таранто ќе имаат и стручна поддршка за ментална подготовка. Со нив ќе работи Софија Арнаудова, сертифициран тренер за ментални перформанси, со фокус на концентрацијата и справувањето со натпреварувачкиот притисок.
Конкуренцијата на Игрите е голема. Според официјалните податоци, во Таранто се регистрирани 3.803 спортисти од 26 земји. На програмата се 33 спортски дисциплини и 273 финални натпревари, а меѓу учесниците има и 37 освојувачи на олимписки медали.
Во пресрет на отворањето, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги посети македонските спортисти во Олимпиското село и им посака успешни настапи. Таа вечерва ќе присуствува на свечената церемонија.

Четврти настап и 14 освоени медали
Ова е четврто учество на Македонија на Медитеранските игри како независна држава. Македонските спортисти дебитираа во Мерсин во 2013 година, а потоа настапија во Тарагона во 2018 и во Оран во 2022 година.
Во претходните три настапи Македонија освои вкупно 14 медали: пет во Мерсин, шест во Тарагона и три во Оран.
Знаменосци на нашата делегација се Дејан Георгиевски и Леона Миленкоска

